Лекар најави штрајк со глад откако третпат беше одбиен на оглас
Приватен специјализант тврди дека е дискриминиран поради возраст и бара објаснување за критериумите од јавниот оглас 01/2026.

Лекарот Дарко Василевски објави отворено писмо и пораки на Фејсбук во кои тврди дека постапката за вработување објавена од Медицинскиот факултет во Скопје е нетранспарентна и неподносливо нефер. Василевски, приватен специјализант, вели дека по третпат бил одбиен на истиот јавен оглас, а известувањето за примените кандидати било испратено преку мејл „без правна поука и без објаснување врз основа на кои критериуми се избрани примените кандидати”.
Барање за објаснување и најавен штрајк со глад
Во писмото упатено до Министерството за здравство, Деканатот на Медицински факултет Скопје и до Министерството за образование и наука, тој посочува дека постапката се однесува на јавниот оглас 01/2026 за вработување на доктор по медицина, „2 (два) извршители за Институт за медицинска и експериментална физиологија со антропологија на неопределено време на Медицински факултет во Скопје во состав на УКИМ”.
Василевски во објава на Фејсбук го изрази сомнежот дека начинот на селекција отвора прашања за транспарентноста, критериумите и еднаквиот третман на сите кандидати. Тој тврди дека е дискриминиран поради неговата возраст и нагласува дека годишната возраст не смее да се користи како критериум за избор.
Во својата објава тој јавно напиша: "Годишната возраст не е критериум за вработување, туку основ за дискриминација! Јавниот оглас за вработување треба да биде гаранција за еднакви можности, изборот треба да биде транспарентен, објективен и заснован на знаење, стручност, искуство и исполнување на условите. Како лекар и приватен специјализант кој со години вложува приватни средства во своето образование, професионално усовршување и стекнување знаење, очекував дека на јавен оглас ќе имам еднаква можност да ги претставам своите квалитети".
Тој истакнува дека не бара привилегии, туку фер постапка, вреднување на трудот и долгогодишното образование, работа и усовршување, како и транспарентна постапка во која знаењето, стручноста и професионалното искуство ќе бидат вистинските критериуми за избор.
Во продолжение на апелот, Василевски напишал: "Јавноста има право да знае како и врз основа на кои критериуми е донесена одлуката. Затоа апелирам до Деканатот на Медицинскиот факултет, Министерството за здравство и МОН во врска со Јавниот оглас 01/2026 година да се обезбеди јасен, транспарентен процес на селекција, во кој предност ќе имаат стручноста, компетентноста и професионалните достигнувања, а не други критериуми кои не се јасно наведени во огласот. Како крајна форма на мирен граѓански протест, најавувам и штрајк со глад, со цел моето барање за правична и транспарентна постапка да биде слушнато".
Фото: Фејсбук


