Славески: Кога реков „медиумите ја урнаа Алта банка“, не мислев на македонските — им се извини
Славески рече дека мислел на шпекулациите во српските медиуми и се извини до новинарите во земјава.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, вечерва преку објава на социјалната платформа Икс објави дека кога во гостувањето во емисијата „Топ тема“ изјавил дека „медиумите ја урнаа Алта банка“, не мислел на македонските медиуми.
Славески појаснува дека во тој пасус зборувал за наводите и шпекулациите што се појавиле во медиумите во Србија неколку дена пред одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа на банката, односно дека неговата оцена се однесувала на она што циркулирало во тамошниот медиумски простор.
Извинување кон новинарите
Во објавата на неговиот профил Славески посочува: "До мене допираат информации дека наводно сум вперил прст кон домашните медиуми. Сакам да појаснам дека во тој дел од емисијата зборував за случувањата поврзани со ‘Алта банка’ во Србија и за објавите во тамошните медиуми во врска со одливот на средства од банката. Во ниту еден момент не мислев на ‘Алта банка’ АД Битола, ниту, пак, сакав да ја доведам во прашање професионалноста на македонските медиуми. Тоа беше смислата на мојот одговор."
Гувернерот додава дека му е тешко доколку неговата изјава била разбрана поинаку од новинарите и припадниците на новинарската фела, чија работа, како што вели, исклучително ја почитува и чии текстови редовно ги чита. "Доколку со мојата формулација, макар и ненамерно, сум навредил некого од новинарската фела, искрено се извинувам. Тоа во никој случај не беше мојата намера," напиша тој.
Покрај појаснувањата за медиумските написи во Србија, Славески го критикува опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), оценувајќи дека прес-конференциите на партијата придонеле за создавање недоверба и дополнителен притисок дома. Тој го поврза тоа со воведувањето заштитна мерка која го ограничува неделниот лимит за готовински подигања и плаќања со картички на поединечни клиенти на банката на 10.000 денари.
Контроверзата се случува во момент кога лидерот на СДСМ, Венко Филипче, повика на објаснување од премиерот Христијан Мицкоски и од гувернерот, најавувајќи дека партијата ќе побара Јавното обвинителство да ги испита прашањата поврзани со влегувањето на Алта банка на македонскиот пазар и дека ќе поднесе интерпелација за гувернерот доколку не добијат задоволувачки одговори.
— Trajko Slaveski (@TSlaveski) November 3, 2026
Фото: Принтскрин


