Почетна
Македонија

Платформата „Разговори за иднината 12:05“ бара оставки од Славевски и Димитриеска‑Кочоска по случувањата во Алта банка Битола

Платформата тврди дека влезот на Алта банка бил проследен со политички влијанија и бара конкретни чекори за заштита на граѓаните.

·Македонија
Платформата „Разговори за иднината 12:05“ бара оставки од Славевски и Димитриеска‑Кочоска по случувањата во Алта банка Битола

Платформата „Разговори за иднината 12:05“ бара оставки од гувернерот на Народната банка, Трајко Славевски, и од министерката за финансии Гордана Димитриеска‑Кочоска по последните случувања околу Алта банка Битола и воведувањето привремена администрација во банката.

Платформата оценува дека настаните претставуваат сериозен удар врз довербата во банкарскиот систем и предупредува на можноста од поширока финансиска нестабилност. Оттаму велат дека влезот на Алта банка на македонскиот пазар уште од почетокот бил проследен со политички влијанија и недоволна транспарентност.

Според платформата, имало наводна директна интервенција на Министерството за финансии и на Владата во процесот на преземање на битолската банка од страна на српската Алта банка, додека супервизијата од Народната банка била недоволна. Како дополнителен аргумент наведуваат податоци дека Алта банка Битола заклучно со септември годинава бележи загуба од 791 илјада евра и дека институциите не постапиле адекватно во однос на овие ризици.

Итни мерки и ревизија на одлуки

Платформата ја оцени реакцијата на Народната банка како задоцнета, конфузна и нејасна и повика на итни и јасни одлуки за враќање на довербата и смирување на паниката кај граѓаните. Едно од главните барања е ревидирање на одлуката според која граѓаните може да повлекуваат само 10 000 денари неделно, додека од нив се очекува да ги продолжат плаќањата кон банката.

„Без одлагање да се оцени способноста за работење на осигурителното друштво Алта Осигурување со цел да се превенира потенцијално загрозување на исплатата на штети. Најважни се мерките за поддршка на граѓаните и компаниите, особено во Пелагонискиот Регион. На Македонија не смее да и се случи нов ТАТ или Еуростандард“, велат од платформата „Разговори за иднината 12:05“.

За надминување на состојбата, платформата предлага гувернерот Трајко Славевски да ја депонира својата оставка во парламентот, која да стапи на сила откако Народната банка ќе ги донесе сите потребни одлуки за обезбедување на средствата на граѓаните и стопанството заглавени на сметки во Алта банка Битола. Исто така бараат оставка од министерката за финансии Гордана Димитриеска‑Кочоска како политичка одговорност за сите одлуки поврзани со Алта банка.

Платформата го повика и претседателот Гордана Сиљановска‑Давкова да свика вонредна седница на Советот за безбедност и да ги покани претставниците на Народната банка и надлежните финансиски и регулаторни институции за да се разгледаат околностите под кои, како што велат, бил овозможен влез на сомнителен капитал во банкарскиот сектор и да се утврдат мерки за заштита на граѓаните и стопанството.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи