Почетна
Македонија

Лешок се менува: викендички, пчеларство и предизвици со водата

Селото околу Лешочкиот манастир расте со викенд-домови и посетители, додека жителите предупредуваат на недостиг на пиева вода.

·Македонија
Лешок се менува: викендички, пчеларство и предизвици со водата

Лешок, познат по Лешочкиот манастир, сe менува: истовремено го бележи едно столетно иселување и нов бран изградба на викендички и куќи што придонесуваат за поинтензивен посетителски живот, иако бројот на постојани жители опаѓа.

Овој необичен спој — луѓе кои заминуваат во потрага по подобра егзистенција и оние што инвестираат и градат домови во селото — го менува просторот: плодните ниви што некогаш беа главен извор на приходи сѐ почесто се заменуваат со индустриски погони, магацини, ресторани, базени и викенд-населби.

Инфраструктурни предизвици: Борче Стојчевски, член на месната заедница, вели дека токму проширувањето на Лешок го отвора и најголемиот инфраструктурен проблем – обезбедувањето доволно вода за пиење, за што мештаните бараат поддршка од надлежните институции. Иако водата е проблематичен сегмент, тој смета дека животот во селото е добар, а иселувањето е последица од желбата за подобро платена работа надвор од родното место.

Дијаспората, пчеларството и врската со коренот

Митко Спировски, хроничар на Лешок и автор на двaесетина книги посветени на историјата и традицијата на селото, потсетува дека печалбарството е длабоко вкоренето и трае со векови. Дел од поколенијата по долгите години во странство се враќаат, додека други продолжуваат да вложуваат во родното село — градат домови, ги обновуваат семејните имоти и поддржуваат локални проекти.

Со намалувањето на обработливите површини, пчеларството станува сѐ поважен извор на приходи и начин да се зачува врската со шарпланинската природа, која останува едно од најголемите богатства на Лешок.

Лешочкиот манастирски комплекс — црквите „Успение на Пресвета Богородица“ и „Свети Атанасиј“, старата манастирска црква, вековниот конак и гробот на големиот преродбеник и игумен Кирил Пејчиновиќ — и понатаму е духовно и културно срце на местото. На темелите од постар градителски слој во 2010 е започната обновата на храм посветен на Свети Николај Мирликиски Чудотворец; црквата беше завршена и осветена минатата 2025 година. Црковниот одбор работи на изградба на дополнителни објекти со цел да се врати целокупниот духовен сјај на местото.

Чистиот воздух, зеленилото и близината на природните богатства го одржуваат Лешок привлечен — не само за родените тука, туку и за оние кои бараат мир, одмор или нов животен почеток во подножјето на Шар Планина.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи