Лесли Ворнер: Можам да чувам играчи на повеќе позиции
Американецот ги пофали тимот и тренерите и ќе патува на мини-камп во Гевгелија кој завршува со пријателски натпревар на 6 септември.

Американскиот крилен кошаркар Лесли Ворнер ги изнесе првите впечатоци откако официјално се приклучи на редовите на македонскиот шампион МЗТ Скопје, нагласувајќи дека е задоволен од клубот, атмосферата и одработката со стручниот штаб.
„Ми се допаѓа тимот, атмосферата, градот е одличен, а храната е супер. Досега навистина уживам во сè што нуди Аеродром. Мислам дека го најдов својот дом надвор од дома“, вели Ворнер на почетокот од разговорот.
Новото засилување призна дека пред доаѓањето немал многу детални информации за клубот, но минатогодишното искуство во Грција му помогнало побрзо да се прилагоди.
„Не знаев премногу пред да дојдам. Минатата година играв во Грција, па знаев за Македонија бидејќи бев во соседство. Но, немав детални информации, па сигурен сум дека сега ќе научам многу повеќе за средината во која ќе бидам во следниот период“, додаде тој.
Фокус на подготовките и тимската хемија
Ворнер истакна дека моментално приоритет е градењето на тимска хемија и подготвителните активности пред официјалните натпревари.
„Очекувам да се здружиме и да изградиме одлична тимска хемија, особено сега кога заминуваме на кратки подготовки надвор од Скопје. Мојата единствена желба се победи и шампионски титули. Екипата е одлична, сите се согласуваме и размислуваме исто — сите сакаме само победи и се надевам дека тоа брзо ќе го покажеме на теренот. Чекавме да ни се приклучат и репрезентативците за да влеземе во целосен ритам. Сега е сѐ како што треба“, анализира нашето ново засилување.
На прашањето што можат да очекуваат навивачите, тој одговори: „Можам да направам од сè по малку. Мојата задача е да поентирам — затоа сум донесен овде, но и одбраната е една од моите силни страни. Можам да чувам играчи на повеќе позиции“, вели Лесли Ворнер.
За соработката со тренерскиот тим додаде: „Соработката со стручниот штаб е одлична од првиот ден, навистина уживам во работата со нив. Верувам дека на крајот заедно ќе се радуваме и ќе си честитаме на направеното сезонава“, заврши Ворнер.
МЗТ утре ќе отпатува за Гевгелија на мини-камп, кој ќе кулминира в недела, 6 септември, со првиот контролен натпревар против Кожув.
Фото: прес-материјал од настанот


