Почетна
Политика

Левица бара истрага откако разузнавач со пресуда доби сертификат „државна тајна“ и беше испратен во Виена

Левица бара надзор и објаснување откако објавија дека осуден разузнавач добил сертификат и бил испратен во Виена.

·Политика
Левица бара истрага откако разузнавач со пресуда доби сертификат „државна тајна“ и беше испратен во Виена

Левица побара итен и целосен надзор на постапката со која разузнавачот Киро Тодоровски доби висок безбедносен сертификат и беше испратен да ја претставува Агенцијата за разузнавање во Виена, по објавените информации дека тој е осуден во предметот „Титаник“.

Од партијата побараа одговорност од директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, објаснување од Агенцијата за национална безбедност и од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и произнесување од претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.

Во реакцијата Левица наведува: "Овој случај покажува дека институциите задолжени да ја штитат државата се претвораат во перална за биографии. Осудата се третира како мала непријатност, безбедносната проверка како небитен формулар, а дипломатијата како награден аранжман за кадри што системот решил повторно да ги употреби. Сега имаме и преседан каде криминалната биографија не е пречка во кариерата, туку препорака за Виена. Доколку институциите и натаму молчат, ќе биде јасно дека не чуваат државна тајна, туку ја чуваат тајната на партиското кадровско подземје" – реагираат од Левица.

Од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, според објавите, велат дека на Тодоровски последно му бил издаден сертификат согласно членот 59 од Законот за класифицирани информации, кој ги пропишува условите кога едно лице може да поднесе повторно барање за издавање на безбедносен сертификат. Левица посочува дека исполнувањето на рокот за повторно поднесување не ја „чисти" биографијата.

„Законот дозволува поднесување на ново барање по истекот на определен период, но не ја претвора претходната осуда во небитен податок, ниту ги ослободува АНБ и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации од обврската да утврдат дали постои безбедносен ризик. Особено кога подзаконските прописи изречно наложуваат да се цени дали лицето во релевантниот период било осудено за дело што може да претставува пречка за пристап и ракување со класифицирани информации. Оттука, суштинското прашање не е само дали Тодоровски имал право повторно да поднесе барање, туку кој, врз основа на кои факти и со какво образложение оценил дека правосилната осуда во „Титаник“ не ја доведува во прашање неговата доверливост, интегритет и лојалност кон уставниот поредок" – се вели во реакцијата.

Левица дополнително посочува и откако, според одговорот на Дирекцијата, била во тек „дополнителна безбедносна проверка“ откако му бил издаден сертификат „државна тајна".

"Ако проверката не била завршена, зошто бил издаден сертификатот? Ако била завршена и резултатот бил позитивен, што точно дополнително се проверува откако лицето веќе добило пристап до највисоко класифицирани информации и било испратено во странство? Државната тајна не е пробен период, па прво да се додели сертификат, функција и дипломатски привилегии, а потоа институциите да утврдуваат дали кандидатот воопшто ги исполнува условите" – велат од партијата.

Според потврдата од Кривичниот суд, Тодоровски има „црно на бело" дека е правосилно осуден на условна казна од две години доколку во наредните месеци не стори ново кривично дело, откако признал вина. Државната комисија за спречување на корупцијата има отворено предмет по пријава. Документите кои стигнале до медиумите велат дека Тодоровски бил вратен на работа во ноември 2025 година, добил сертификат „државна тајна" во февруари оваа година, и неколку месеци подоцна бил испратен во Виена да ја застапува Агенцијата меѓу други претставници на безбедносните и разузнавачките служби.

Во кривичната пријава поднесена до скопското обвинителство се тврди и дека за Тодоровски се менувале правилници и се пробивале рокови за да може да замине во Виена по секоја цена. Агенцијата за разузнавање категорично ги демантираше овие наводи и ги оцени како неосновани, невистини и дезинформации.

Фото: Макфакс

Поврзани написи