Почетна
Политика

Левица бара реформа на тарифниот систем: „Струјата е евтина само на хартија, но најмногу тежи на џебот на народот“

Во соопштението Левица вели дека според ЕУРОСТАТ електричната енергија по куповна моќ најмногу ги оптоварува домаќинствата во Западен Балкан и предлага структурни промени.

·Политика
Левица бара реформа на тарифниот систем: „Струјата е евтина само на хартија, но најмногу тежи на џебот на народот“

„Во Македонија, струјата е евтина само ако ја гледате само номиналната цена изразена во евра – тогаш е приближно на нивото на Србија и Албанија. Но, многу поважно е прашањето колку таа струја реално тежи на џебот на човекот што ја плаќа. Според податоците на ЕУРОСТАТ за втората половина од 2025 година, кога цената на електричната енергија ќе се спореди со куповната моќ на населението, Македонија има највисок трошок меѓу земјите од Западен Балкан“, велат од Левица.

Од Левица посочуваат дека номиналната цена (изразена во евра) не ја отсликува реалната тежина врз домашните буџети. Партијата се повикува на методологијата на ЕУРОСТАТ, која преку PPS – стандард на куповна моќ, ги зема предвид разликите во ценовното ниво и куповната моќ и така ја мери вистинската финансиска оптовареност на сметките за струја.

Во соопштението се наведува дека „100 денари не вредат исто за човек со минимална плата и за човек со високи приходи“ и дека суштинското прашање е колку може да се купи со платата што ја земаш и колкав дел од домашниот буџет одзема сметката за електрична енергија. Во таа насока Левица го критикува работењето на РКЕ и честите менувања на правилниците и тарифните модели, кои, според партијата, служат за задоволување на политичко-енергетската олигархија додека товарот се префрла врз граѓаните.

Предлози за реформа на тарифите и пазарната улога

Левица бара тарифните блокови да останат, но да се прошири временскиот опсег на евтината тарифа за поевтината електрична енергија реално да стане достапна за повеќе домаќинства. Партијата предлага ЕЛЕМ Продажба да биде законски определен како универзален снабдувач, со маржа која би била двојно помала од сегашната маржа на ЕВН Хоум од 9,9%.

„Наместо систем во кој приватниот посредник ја зголемува својата заработка на товар на граѓаните, електроенергетскиот систем мора да биде ставен во функција на јавниот интерес“, велат од Левица. Тие исто така бараат воведување повеќетарифен систем — зимски и летен период со повеќе часовни блокови — и воведување сончева тарифа за усогласување на производството со побарувачката, искористување на сончевите вишоци и намалување на сметките.

Според Левица, енергетиката не смее да биде инструмент за збогатување на енергетските посредници и олигархијата, туку стратегиски сектор преку кој државата ќе обезбеди достапна електрична енергија и заштита на животниот стандард на граѓаните.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи