Мицкоски: АД ЕСМ нема да бара поскапување на струјата, за парното ќе се обидеме да го ограничиме растот
АД ЕСМ ќе достави понуда со иста цена за ЕВН Хоум, а Владата ќе се обиде да го ограничи растот на цената на парното поради поскапениот гас.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека државното АД ЕСМ ќе достави понуда на јавниот повик на ЕВН Хоум со иста цена како лани и нема да бара поскапување на електричната енергија, додека Владата ќе се обиде да го ограничи растот на цената на парното греење.
При посетата на Гази Баба, Мицкоски посочи дека бизнис-моделот и планот кои ги подготви Владата заедно со АД ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) предвидуваат задржување на цената. Тој, сепак, нагласи дека не може да влијае врз одлуките на приватните снабдувачи на пазарот.
„Ние како Влада, односно АД ЕСМ, на јавниот повик на ‘ЕВН хоум‘, ќе достави понуда што ќе биде со иста цена како минатата, значи нема да бара зголемување на цената. Така што, што се однесува до државата, ние ќе се трудиме да останеме на нула, односно да нема поскапување, но тоа не можам да го кажам за приватните субјекти, кои учествуваат со нивна суверена политика. Тука не можам да интервенирам“, рече Мицкоски.
Пазарите се под притисок
Мицкоски појасни дека државниот модел треба да овозможи производот да остане по иста цена и најави дека на крајот од 2027 година ќе се цели на профит за компанијата, но дека моделот треба да се провери дали ќе функционира во пракса.
Тој оцени дека состојбата на европските енергетски пазари е „жестоко алармантна“, наведувајќи исклучени нуклеарни централи, низок водостој и пониски залихи на гас. Според него, цените на електричната енергија на берзите достигнуваат и над 400, односно 500 евра за мегават-час, а цената на гасот повторно надминала 90 евра за мегават-час, откако минатата недела се спуштила на околу 80 евра.
Во однос на парното греење, Мицкоски рече дека цената на гасот е трипати поголема отколку во истиот период минатата година и дека Владата ќе се обиде да спречи алармантно зголемување и да го ограничи поскапувањето во рамките на она што граѓаните можат да го издржат. „Цената на гасот е трипати поголема од минатогодишната а истиот период. Меѓутоа, тука ќе се бориме да нема алармантно зголемување на цената, односно тоа да биде во рамките на нешто што максимум, односно минимум може да се издржи. И со тоа ќе бидеме земја во Европа со убедливо најниски цени на дизелот и безоловниот бензин, горивата, електричната енергија и затоплувањето“, рече тој.
Мицкоски додаде дека цената на електричната енергија ќе остане иста до крајот на годината и нема да има промени во тарифните блокови, а како приоритет го наведе заштитата на стандардот додека Владата ги користи расположливите механизми за справување со енергетскиот притисок. „Наш приоритет е заштита на стандардот, но ситуацијата е жестока, ситуацијата е алармантна и не знам до кога ова ќе може да се издржи“, заклучи премиерот.
Фото: прес-материјал од настанот


