Почетна
Македонија

Левица по одлуката на Уставниот суд: Правниот спор не завршува, туку го отвора патот на предметот кон судот во Стразбур

Партијата тврди дека решението го задржува нееднаквото пристапување до медиуми и јавни пари и најавува правен чекор кон Стразбур.

·Македонија
Левица по одлуката на Уставниот суд: Правниот спор не завршува, туку го отвора патот на предметот кон судот во Стразбур

Левица по одлуката на Уставниот суд дека нема да поведе постапка за одредбите од Изборниот законик кои го регулираат пристапот до медиумски простор и распределбата на јавните средства за платено политичко рекламирање, соопшти дека тој чекор не ги затвора правните прашања, туку го отвора патот предметот да заврши пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Партијата наведува дека оспоруваните норми создаваат систем во кој политичките субјекти не влегуваат во изборната трка под еднакви услови: некои однапред добиваат привилегиран пристап до јавни пари и медиумски простор, додека други се целосно исклучени и од финансиските средства и од можноста за платено политичко рекламирање.

Левица потсетува на европската пракса и предупредува на можен судски исход

Во партиското соопштение Левица потсетува на европската судска пракса и наведува предмет од Судот на правдата на ЕУ (C-294/83, Les Verts v European Parliament, 1986). Според партијата, правилата за изборна конкуренција не смеат да доведуваат до неоправдано различен третман или системски механизми кои доведуваат до de facto дискриминација и фаворизирање на доминантните партии.

„Со други зборови, пред Судот беше поставено едно од најелементарните прашања на изборната демократија: Може ли државата со јавни пари да произведува различна политичка видливост за партии кои се натпреваруваат за истиот глас, па дури и до степен некој да биде тотално исклучен од таа можност? Уставниот суд одлучи ова прашање повторно да го заклучи во фиока“, стои во партиското соопштение.

Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд, по вчерашната седница изјави дека мнозинството судии останале на ставот дека станува збор за веќе пресудена работа, бидејќи истите одредби претходно биле предмет на уставносудска оцена. Тој посочи дека лично смета оти оспорените одредби се неуставни и создаваат нееднакви услови за политичките субјекти, и дека го кажал тоа уште пред три години.

Мнозинството судии се повикале на одлуката на Уставниот суд од 2023 година, донесена по иницијатива на лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, со која било оценето дека распределбата на средствата за политичко рекламирање и медиумски простор според резултатите од претходните избори е уставна. Судот тогаш утврдил дека освоените гласови се објективен критериум и дека Собранието има право да ги утврдува правилата за медиумско претставување на политичките партии.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи