Левица: Полицајско насилство врз 15-годишник во Охрид, Тошковски молчи
Случајот е пријавен во ОЈО Охрид и до Внатрешната контрола на МВР, но мајката не добила одговор четири месеци подоцна.

Левица алармира дека во јавноста се појавуваат сè повеќе вознемирувачки сведоштва за полициско насилство врз малолетници во Охрид и за безаконието што, како што наведуваат, владее во СВР Охрид. Самохрана мајка од Охрид тврди дека нејзиниот 15-годишен син пред четири месеци бил брутално претепан од полициски службеници.
Според сведоштвото на мајката, полицајците го пресретнале додека се враќал од работа со мотор, го удриле со службеното возило, а потоа го удирале со боксови, клоци и пендреци, газејќи го по главата и телото. Детето неколку пати ја изгубило свеста, а откако дознале дека има само 15 години, му се заканиле да не пријавува, со предупредување дека следниот пат ќе помине уште полошо.
Случајот е пријавен во Основното јавно обвинителство во Охрид, каде малолетникот дал исказ пред јавниот обвинител Стојанчо Арнаудоски. Пријавата била доставена и до Внатрешната контрола на МВР, но мајката сведочи дека четири месеци подоцна нема добиено никаков одговор, и покрај барањата за информации за постапката. Загрижува фактот што полициските службеници за кои е поднесена пријава сè уште се на своите работни места.
Прашања и барања од Левица
Од Левица посочуваат и загриженост за постапувањето на јавниот обвинител Стојанчо Арнаудоски, кој, велат, во последниот случај со претепаната девојка во Охрид првично одбил да побара притвор за напаѓачот Корабоски. Ова, додаваат, е дел од низата скандали поврзани со СВР Охрид, меѓу кои и случај во кој полициски службеници претепале малолетно момче во дискотека.
Левица бара итни одговори од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и од новата шефица на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева. Како што ги формулира партијата, тие бараат одговори на следниве прашања: "Зошто Внатрешната контрола четири месеци не постапила соодветно и не доставила одговор до мајката на малолетникот?" "Зошто полициските службеници против кои е поднесена пријава сè уште извршуваат службени должности?" "Дали е отворена дисциплинска постапка и дали се проверени наводите за брутално тепање и закани кон малолетно дете?"
Левица предупредува дека додека не се воспостави кривична одговорност за корумпираните службеници во МВР, насилството ризикува да ескалира, а безбедноста на граѓаните ќе биде директно загрозена од оние кои треба да ја штитат.
Фото: прес-материјал од настанот


