Почетна
Политика

Левица: РКЕ крои тарифи со компаниите, а народот ќе биде известен кога ќе му пристигне сметка за струја

Левица: РКЕ со кампања за „четири евтини часа“ прикрива план за промена на тарифите; партијата бара објавување на тарифната математика и регистар на средбите.

·Политика
Левица: РКЕ крои тарифи со компаниите, а народот ќе биде известен кога ќе му пристигне сметка за струја

Партијата Левица обвинува дека Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) под раководство на Ацо Ристов води медиумска кампања за, како што велат, проширување на евтината тарифа додека таа зад рекламата за „четири евтини часа“ подготвува целосно прекројување на тарифниот систем кое би ги префрлило трошоците врз граѓаните.

Според Левица, зад јавната парола „четири евтини часа“ стои пакет мерки кој вклучува ревизија на блоковите, различни летни и зимски правила, воведување евтина струја во сабота и поттикнување на преместување на потрошувачката во периодот 11:00–15:00, кога фотонапонските капацитети создаваат вишоци.

Партијата посочува дека Ристов потврдил оти вечерната електрична енергија поскапела и дека „филозофијата на трошење“ ќе се менува, што, според Левица, директно ја отвора опасноста дневната поволност да се плати со скратување на ноќните евтини часови, поместување на границите на блоковите или повисока цена токму во периодот кога семејствата реално трошаат најмногу.

Барање за целосна транспарентност

Левица додава дека владејачкото мнозинство поставило на регулаторската фотелја поранешен градоначалник од редовите на ДПМНЕ, за кој партията тврди дека има деловни врски со лидерот на партијата, и дека јавноста сега се повикува да верува во неговите затворени пресметки. Непристрасноста, велат, не се докажува со изјава по именувањето туку со отворени податоци, објавени контакти, пријавени интереси и одлуки кои секој граѓанин може да провери.

Според Левица, Ристов веќе најавил дека во процесот ќе бидат вклучени производителите, операторите, институциите и другите учесници на енергетскиот пазар, а компаниите ќе добијат период за техничко приспособување додека граѓаните засега добиваат уверување дека „наводно навреме ќе бидат информирани“. Левица предупредува дека дозволувањето компаниите да ги разгледуваат своите трошоци, вишоците и деловните проблеми уште во фазата на подготовки го претвора РКЕ од заштитник на потрошувачите во затворена преговарачка маса помеѓу регулаторот и субјектите чији приходи истиот регулатор ги одобрува.

Како конкретни барања, Левица побара итно отворање на целата тарифна математика и јавен регистар на сите средби на претседателот и членовите на РКЕ со ЕЕСМ (ЕСМ), ЕВН, МЕПСО, МЕМО, трговците, производителите и нивните здруженија. Во регистарот треба да стојат датумот, учесниците, темата, доставените барања и документите што биле разгледувани. Исто така, Ристов и другите членови мора да ги објават своите сегашни и претходни деловни интереси, сопственички врски и потенцијални судири на интереси, а секој глас за новата тарифа да биде поединечно запишан и образложен со име и презиме.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи