Лукаревска побара повлекување на Предлог-законот за јавни набавки
Пратеничката нагласи зголемување на лимитот за набавки во четири очи на 10.000 евра, укинување на одобренијата и повисоки такси за жалби.

Пратеничката од опозициската СДСМ Сања Лукаревска денеска во Собранието побара Предлог-законот за јавни набавки да се повлече од дневен ред, поради низа забелешки што ги изнесе опозицијата.
Клучни измени што ги загрижуваат пратениците
Лукаревска посочи дека со предлогот се зголемува лимитот за набавки без тендер (набавки во четири очи) од 5.000 евра на 10.000 евра. Таа рече дека тоа значи дека „секоја министер, градоначалник, директор на јавно претпријатие, секој функционер, ќе може 10.000 евра народни пари да си ги потроши каде сака, колку сака и за какви стоки сака, без да даде отчет некому.”
Со измените се укинува и обврската да се бара одобрување од Бирото за јавни набавки за склучување договори без оглас, што, според опозицијата, отвора можност за неограничен број тендери во четири очи кои ќе се склучуваат без никаква контрола.
Предлог-законот предвидува и зголемување на износот за поднесување жалба против постапките за јавни набавки од сегашните 5 до 200 евра, на 150 до 600 евра, што, според Лукаревска, ќе ги одврати фирмите, особено малите, да поднесуваат жалби бидејќи ќе им биде скапо.
Таа реагираше и дека критериумот „најниска цена” се трга со измените и предупреди дека тоа е опасно и е вовед во корупција. Во говорот упати прашање до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и до министерката дојдена за вториот по ред ребаланс на Буџетот: „Повторно ли ќе имаме бикови од 100.000 евра?”
Со спорните измени се предлага и пристапот до информациите за јавни набавки на Бирото да стане платен, што би ја укинало досегашната бесплатна достапност за новинари и граѓани.
Владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за повлекување на Предлог-законот. Тој е ставен како 12. точка на дневниот ред и се очекува без проблем да биде изгласан од ВМРО-ДПМНЕ.
Фото: СДК.МК)


