Почетна
Македонија

Македонија пат: Отфрлаат дека е ангажирана „своја“ фирма за кастрење

Јавното претпријатие тврди дека вкупните суми од 2023 и 2026 не се споредливи без објаснување на различниот обем и единечни цени.

·Македонија
Македонија пат: Отфрлаат дека е ангажирана „своја“ фирма за кастрење

На 22 Август, 2026 19:44 Јавното Претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта објави демант со кој го отфрла тврдењето дека при изборот на изведувач за кастрење гранки и сечење дрвја била ангажирана „своја“ фирма или дека постоела поврзаност со актуелната власт.

Во соопштението се наведува дека во јавноста се создава невистинит и погрешен впечаток преку споредување на вкупните вредности на договорите од различни набавки без соодветно објаснување дека станува збор за различни единечни цени, различен обем и различна економска содржина.

„Особено спорна е формулацијата содржана во самиот наслов дека сега се ангажира „своја“ фирма, со што на читателот уште пред да се запознае со содржината на текстот му се сугерира постоење на политичка или друга недозволена поврзаност меѓу избраниот економски оператор и актуелната власт, односно се создава впечаток дека изборот на економскиот оператор не е резултат на законски спроведена постапка за јавна набавка, туку на неговата наводна блискост со определени политички структури.

Како дополнување, Јавното Претпријатие го посочува и следното:

  • цената за косење трева во 2023 година изнесувала 12,00 денари по м², додека согласно јавната набавка од 2026 година истата изнесува 4,50 денари по м²;
  • цената за кастрење гранки во 2023 година изнесувала 456,00 денари по м², додека во 2026 година изнесува 8,50 денари по м²;
  • цената за сечење дрва во 2023 година изнесувала 2.520,00 денари по парче, додека во 2026 година изнесува 800,00 денари по парче;
  • во јавната набавка од 2026 година е вклучено и собирањето смет, додека во 2023 година оваа услуга претставувала дополнителен трошок во износ од околу 400.000 евра;
  • договорот склучен во 2026 година претставува рамковна спогодба, при што до овој момент се искористени само околу 20% од нејзината вкупна вредност;
  • јавната набавка од 2026 година опфаќа поголем обем на работа, при значително пониски единечни цени за услугите.

Јавното Претпријатие истакнува дека укажало на овие разлики до редакцијата но, според соопштението, и покрај добиените информации, насловот со алузија на "своја" фирма бил задржан, што дополнително ја искривува перцепцијата кај јавноста.

„Во конкретниот случај, изразот „своја фирма“ не е поткрепен со факти од кои би произлегло дека постоела каква било незаконска поврзаност, фаворизирање или влијание врз постапката за јавна набавка. Напротив, употребата на ваквата формулација, во контекст во кој се става акцент на наводната политичка блискост на сопственикот на компанијата, создава кај просечниот читател токму таков впечаток и со тоа директно го засега угледот на Јавното претпријатие и довербата во законитоста и професионалноста на неговото работење," стои во демантот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи