Македонија тргнува по младите таленти Ахмети, Јакупи, Таири и семејството Дебрачи
Федерацијата ги следи дијаспорските таленти — Ахмети, Јакупи, Таири и Дебрачи можат да ја зајакнат младинската и А-репрезентацијата.

Македонските селекции на младинско ниво влегуваат во интензивен период — од У15 и У16 па до У21 и А-репрезентацијата имаат повеќе активности, а фокусот на федерацијата делумно е и на играчите од дијаспората кои можат да донесат засилувања.
На листата со потенцијали се неколку млади имиња кои веќе се познати на јавноста. Првиот е Дукан Ахмети, 18-годишен офанзивец и првотимец во хрватската Истра. Ахмети е репрезентативец на Хрватска до 19 години, има солидна минутажа во Истра — постигна гол против Хајдук, даде асистенција против Риека, а интересно во мечот против Динамо и погоди и додаде за реализација. Потекнува од Пирок, тетовско.
Следен е Един Јакупи, роден 2009 година (17 години), од селото Татеши крај Струга. Јакупи е дел од големиот Рапид од Виена и настапува за вториот тим. Игра како дефанзивен/центричен играч за врска и има значајна минутажа во младинските селекции на Австрија. Неговите семејни врски со македонскиот фудбал се јасни — брат му Валдет настапуваше за младинските селекции на Македонија. За Един мора да се реагира брзо: тој има еден настап на пријателски меч за Албанија У15.
Таленти кои доаѓаат од швајцарските школи
Зидан Таири, роден 2009 година и со потекло од Гостивар, е офанзивен играч за врска кој минува низ швајцарските академии. Како голем талент за тимот на Цирих замина во Хофенхајм, но по сениорска минутажа се врати и потпиша за Арау. Сезонава има сосема солидна минутажа, претежно влегувајќи од клупата. За Швајцарија има преку четириесет настапи за младинските селекции од најмала возраст до У19 генерацијата. Во тимот на Арау игра и Андрин Дебрачи, роден 2008 година.
Покрај него, Дориан Дебрачи е најстар од оваа група — роден 2006 година, семејството има потекло од Струга. Дориан го започна патот во Арау, а сега настапува за тимот на Тун. Тој е играч за врска и веќе имаше настап за Швајцарија на У21 ниво, со над дваесет забележани настапи во националниот дрес на оваа земја.
Сите овие фудбалери се потенцијална придобивка за македонските селекции поради својот корен. Репрезентацијата има задача да постапи брзо и убедливо доколку сака да ги задржи или привлече пред другите федерации да ги каптураат на сениорско ниво.
Фото: прес-материјал од настанот


