Македонски триумф во Тиват: Ана Петановска и Наташа Михајловиќ со награда на "Бисер Јадрана 2026"
Дуетот на Ана Петановска и Наташа Михајловиќ го освои признанието за Најдобар дует со премиерната „Под ногама“ на третото издание на „Бисер Јадрана“.

На фестивалот „Бисер Јадрана 2026“ во Тиват македонската пејачка Ана Петановска заедно со српската интерпретаторка Наташа Михајловиќ го освоија признанието за Најдобар дует по премиерата на својата заедничка песна.
Премиера и авторски тим
Двете го изведоа новото дело „Под ногама“, чија музика е потпишана од маестро Григор Копров, текстот е на Душан Бачиќ, а аранжманот е изработен од Стефан Петановски. Жирито, впечатено од нивната искреност и сценска енергија, им ја додели престижната награда на третото издание на фестивалот.
Фото: Зоран Радоњиќ
Возбудена од признанието, Ана Петановска го објави следното на своите социјални профили: „Заедно со мојата Наташа, која за многу кратко време ми стана навистина блиска во душата, имавме чест да ја примиме наградата за најдобар дует. Нејзината храброст, упорност, искреност и топлина се навистина инспиративни. ‘Под ногама’ е едноставна мелодија, но носи силна порака – за сите неправди, разочарувања и падови кои можат да се надминат со љубов, надеж, силна волја и автентичен дух“, напиша Ана на социјалните мрежи.
Таа упати благодарност до публиката за поддршката, до организаторите за гостопримството и до своите соработници — Дејан Апостоловски и Стефан Петановски — кои ѝ се опора во кариерата и во приватниот живот.
Наградата во Тиват служи како вовед кон следната голема сцена: композицијата „Под ногама“ ќе биде дел од Интернационалната вечер на 33. издание на „Охрид Фест – Охридски трубадури“, која ќе се одржи на 27 август, каде публиката повторно ќе има можност да ја слушне наградената номинација.
Фото: Зоран Радоњиќ