Макрон ги обвини крајнолевичарските групи за обид за рушење на републиката
По немирите во Париз, претседателот свика национален совет и најави постапување со најголема строгост.

Францускиот претседател Емануел Макрон ги обвини организираните крајнолевичарски групи дека се обидуваат да ја урнат републиката, по немирите и грабежите кои избувнаа минатата сабота по протестите против поскапувањето на трошоците за живот.
По состанокот во Елисејската палата со претставници на безбедносните служби, Макрон рече: "Бевме сведоци и на политички и на бунтовнички дејствија, предводени од организирани крајнолевичарски групи кои се стремат да ја урнат републиката".
Тој предупреди дека овие групи стојат зад внимателно планираните акти на насилство и дека кривичните дела треба да се третираат со најголема строгост. "Илјадници луѓе беа уапсени, неколку стотици беа испратени во затвор, а работата продолжува. Министерот за правда со право побара од обвинителството да постапува со најголема строгост", додаде Макрон и свика за утре наутро состанок на Националниот совет за одбрана и безбедност.
Засилени полициски мерки и ограничувања за протести
Жан-Дидје Берже, делегиран министер во Министерството за внатрешни работи, соопшти дека на улиците ќе бидат распоредени 20 проценти повеќе припадници на безбедносните служби отколку минатата недела. Макрон најави дека во наредните денови ќе бидат одобрени само протестите организирани од синдикатите, а за сите други ќе се издаваат забрани секогаш кога тоа е можно; префектите ќе понудат алтернативни маршрути за синдикалните маршеви.
Поради најавите за нови протести, трговските објекти во центарот на Париз веќе ги заштитуваат излозите со дрвени плочи, а луксузниот бренд "Ермес" ги засили безбедносните мерки. Во Орлеан властите се подготвуваат за можни судири, откако партијата "Национален собир" на Марин Ле Пен планира годишен митинг, а крајнолевичарски групи и синдикати најавија контрадемонстрации.
Францускиот премиер Себастијан Лекорни в понеделник ќе одржи средби со претставници на ученички, студентски, наставнички, синдикални и работодавачки организации, како и со локалните власти и пратениците, за да ги разгледа нивните барања. Во неделното обраќање до нацијата, Макрон изрази надеж дека младите ќе седнат на преговарачката маса за заеднички да изнајдат решенија.
Фото: прес-материјал од настанот


