Протести ја тресат Европа: шатори пред Синтагма и војници на улиците
Студенти и синдикати протестираат во Грција, Албанија, Франција и Италија поради цените и уназадување на јавното образование.

Национални штрајкови и протести против високите трошоци за живот и за зголеми инвестиции во јавното образование се шират низ повеќе европски земји оваа недела. По мобилизациите во Албанија, Франција и Италија, денешните акции се најавуваат и во Грција.
Во Атина, ученици и студентски организации од вчера попладне поставија шатори на плоштадот Синтагма пред грчкиот парламент и ги изложија барањата за пониски кирии, повисоки субвенции за домување и привлечен наставен кадар. Марија Синдела - членка на Здружението на студенти по филологија во Солун: "Ги поврзуваме нашите барања со мобилизациите на младите во другите европски земји. Истата ситуација постои и во нашата земја, високите цени не притискаат, а јавното и бесплатно образование се поткопува." Протести има и во Солун, Ларис и уште неколку други градови ширум земјата.
Во Албанија, по осум дена насилни судири, демонстрациите добија поддршка и од универзитетските професори. Сите јавни универзитети ги обуставија предавањата откако синдикатот на вработените во високото образование објави генерален бојкот на наставата. Синоќешните протести во Тирана не поминаа мирно — полицијата употреби солзавец и водни топови за да ги растера демонстрантите пред канцеларијата на премиерот откако кон зградата бил фрлен молотов коктел. Универзитетски професор во Албанија: "Ќе продолжиме да даваме поддршка, бидејќи за нас е важно не само она што се случува во образованието, туку и состојбите во општеството во моментов. Во нашето општество има многу проблеми и потребни ни се решенија."
Власти заоструваат мерки во Франција и Италија
Франција се уште се опоравува по насилните протести предизвикани во текот на викендот; владата призна пропусти и најави распоредување на војници во сите поголеми градови за да спречи ново насилство на демонстрациите што се планирани за сабота. Лорен Нуњез – министер за внатрешни работи на Франција: "Ќе распоредиме сили на армијата за да ги заменат полициските сили, кои главно се ангажирани на статични позиции. Со тоа, полициските службеници ќе бидат ослободени од тие задачи и ќе можат да се посветат на одржувањето на јавниот ред и мир."
И во Италија властите најавија зголемени мерки по неколкудневните протести, судири и грабежи. Џорџа Мелони – премиерка на Италија: "Превентивниот притвор, кој досега се применуваше само кај полнолетните лица, ќе се применува и кај малолетниците. До крајот на годината во Милано ќе бидат распоредени уште 500 војници. Покрај полицијата и карабињерите, ќе ангажираме и дополнителен број судии во системот на малолетничкото правосудство, како и ќе обезбедиме повеќе места во притворските установи, бидејќи сигурноста дека казната ќе биде спроведена мора да важи и за оние што имаат 16 години." Илјадници луѓе протестираа во Торино, Милано и Болоња, а во Милано се случија судири пред катедралата.
Протестите ги обединуваат барањата на синдикатите, студентите и граѓанските групи — од намалување на трошоците за живот до очекувања за заштита на јавното образование — и засега не се гледа брзо намалување на тензиите.
Фото: прес-материјал од настанот


