Малолетници играјќи си со петарди предизвикаа пожар во паркот Капиштец
Жителите велат дека употребата на пиротехника е долгорочен проблем и ги повикуваат институциите да го расветлат случајот.

Група малолетници и помлади лица, играјќи си со петарди, предизвикале пожар во паркот Капиштец откако синоќа било запалено дрво, велат жители од околината.
Соседите од населбата алармираа дека проблемот со употребата на пиротехнички средства во паркот постои подолго време и дека често слушаат пукотици.
Жителите бараат реакција од институциите
На Фејсбук-страницата „За пристоен Капиштец“ е наведено дека жителите повеќепати пријавувале пукање петарди во полиција.
Тие посочуваат дека постоела опасност огнот да се прошири кон околните згради и трафостаници, поради што повикале брза интервенција.
Жителите апелираат до надлежните институции да преземат мерки, да го расчистат случајот и да го пронајдат лицето кое го предизвикало пожарот.
Инаку, пред речиси две години, во истиот парк во кој во моментов се изведуваат реконструктивни работи, малолетници обијаја багер, го стартуваа и управуваа со него. Вандализмот го објави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на социјалните мрежи.
Во минатото биле пријавувани и други инциденти во Капиштец — меѓу кои оштетување на приватни возила и интервенции на полицијата.
Фото: прес-материјал од настанот


