Почетна
Македонија

МАНУ зборува за „одржливо рударство“ — „Иловица-Штука“ како тест-проект

Стратегијата на МАНУ за 2026–2046 ја предлага примената на „одржливо рударство“ и ја истакнува улогата на минералите во зелените технологии.

·Македонија
МАНУ зборува за „одржливо рударство“ — „Иловица-Штука“ како тест-проект

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) изработи Стратегија за минерални суровини за периодот 2026–2046 година во која се предлага рударството и зелената транзиција да се третираат како делови од еден развоен процес, а проекти како „Иловица-Штука“ да послужат за тестирање на овие принципи.

На одбележувањето на Денот на рударите, научниот соработник во МАНУ, Александар Дединец, кој беше дел од тимот што работел на текстот на стратегијата, нагласи дека Македонија треба да развива „одржливо и научно засновано рударство, кое истовремено ќе ги користи природните ресурси и ќе ја зачувува животната средина.“

Дединец посочи дека дебатата не треба да остане на ниво на апсолутна поддршка или противење: „Вистинското прашање не треба да биде дали сме „за или против рударството“, туку „какво рударство сакаме“.“ Тој додаде дека пристапот на стратегијата овозможува развој на проекти со современи технологии и високи еколошки стандарди, со цел економските придобивки од минералите да се комбинираат со одговорност кон животната средина.

Рударство како дел од зелен раст

Дединец изјави дека „Иловица-Штука“ може да биде „еден од проектите преку кои „ќе се тестира примената на принципите на одржливото рударство во Македонија.“ Тој рече дека, иако сме мала држава, геолошкиот состав дава значаен и разновиден минерален потенцијал: бакар, сребро, злато, олово, цинк, никел, хром, манган, бројни наметалични минерални суровини, како и јаглен и вода за пиење.

„Имаме што да понудиме. Иако сме мала држава нашиот геолошки состав ни дава значаен и разновиден минерален потенцијал. Стратегијата ги препознава бакарот, среброто, златото, оловото, цинкот, никелот, хромот, манганот, но и значаен број на наметалични минерални суровини, како и јагленот и водата за пиење. Тоа е потенцијал кој не треба ниту да го преценуваме, но ниту да го игнорираме. Треба паметно да го истражиме, да знаеме со што располагаме,“ рече Дединец при презентацијата.

Во говорот, тој го поврза снабдувањето со минерални суровини со целите за декарбонизација: „Не можеме да зборуваме за идниот економски развој без да зборуваме за енергија. Не можеме да зборуваме за иднина на енергетиката без да зборуваме за климатските промени, а се повеќе станува јасно дека не можеме да зборуваме за декарбонизација и зелена транзиција без да зборуваме за минералните суровини… За да изградиме нискојаглеродна економија ќе ни бидат потребни повеќе, а не помалку од одредени минерални суровини. Нема соларни електрани без минерални суровини, нема ветерни електрани без метали, нема електрични возила, батерии, мобилни телефони и современа електроника без суровини кои некаде треба да бидат истражени, ископани, преработени и ставени во функција. Токму затоа во Стратегијата е нагласено дека металите се предуслов за современите технологии…“

Како податок за состојбата во секторот, во стратегијата се наведува дека во 2025 година биле произведени 130.174 тони бакарен, оловен и цинков концентрат, а рударството учествувало со 10,9 проценти во индустриското производство и со 2,8 проценти во вкупниот извоз на државата.

Фото: iportal.mk

Поврзани написи