Марта Кос жали поради изведба на српска националистичка песна во Брисел
Кос рече дека песната „на ниту еден начин не ги одразува ставовите на Европската комисија“ по изведбата на „Ој Косово, Косово“.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, изрази жалење откако на концерт во рамки на настан на ЕУ во Брисел беше изведена српска националистичка песна, што предизвика критики меѓу присутните.
„Жалам за изборот на песната од страна на музичарите. Оваа песна на ниту еден начин не ги одразува ставовите на Европската комисија“, изјави Кос.
Настанот и изведбата
Концертот се одржа вчера во Брисел како дел од Форумот за проширување на ЕУ и на него беа присутни претставници на Унијата и учесници од земји кои сакаат да ѝ се приклучат, меѓу кои Украина, Молдавија, Албанија, Црна Гора, Македонија и Србија. По поздравот на учесниците, словенечките музичари Марко Хатлак и групата „Капобанда“ изведоа инструментална верзија на песната „Ој Косово, Косово“.
Во текстот на песната стојат стиховите „Цела Србија плаче: Не те даваме, Косово, ти отсекогаш си наше“, порака која многумина ја толкуваат како националистичка и политички чувствителна, со оглед на долготрајниот спор околу статусот на Косово.
Изборот на песната предизвика критики и отвори прашања за контролата и селекцијата на културната програма на официјални настани на ЕУ. Комисијата ја повтори пораката дека изведбата не ги отсликува нејзините ставови.
Фото: Фејсбук)


