Почетна
Македонија

Маврово останува во правен вакуум, екологистите бараат итно репрогласување

Отсуството на нов акт, управен план и зонирање според експертите ја загрозува природната вредност на паркот.

·Македонија
Маврово останува во правен вакуум, екологистите бараат итно репрогласување

Националниот парк „Маврово“ повеќе години се наоѓа во правен вакуум, без ажурна законска рамка и клучни документи за управување, што според екологистите ги остава природните вредности без ефикасна заштита и отвара простор за нелегални активности.

Паркот првпат е прогласен со закон од Народното собрание на Народна Република Македонија на 19 април 1949 година и е најголемото заштитено подрачје во државата. Отсуството на нов акт за прогласување, План за управување и просторен план според експертите го поткопува современото одржливо управување.

Јавниот интерес повторно се зголеми по појавување на видео на Јутјуб во кое се снимени странски ловци кои ловат балканска дивокоза во планините. Директорот на НП „Маврово“, Харис Ибраими, изјави дека не станува збор за комерцијален лов, туку за санитарен отстрел во рамки на програми за мониторинг, со согласности од надлежните институции и под надзор на паркот. Во меѓувреме ренџерите пријавиле и отстрането илегално поставени риболовни мрежи на Мавровското езеро и случајот е пријавен во Полициската станица Маврови Анови.

Клучни механизми што недостасуваат

Граѓанската организација „Еко-свест“ и други стручњаци посочуваат дека повеќе од две децении по донесувањето на Законот за заштита на природата (2004) Маврово сè уште нема нов акт за прогласување, ниту План за управување и просторен план – документи кои треба да ги уредат користењето на природните ресурси, зонирањето и развојот на одржлив туризам.

„Еко-свест“ и уште 21 организација упатија пет барања до Владата и надлежните институции: итно започнување и завршување на процесот за повторно прогласување на НП Маврово; ставање на предлог-законот на јавна расправа и продолжување на собраниската постапка; усогласување на управувањето со научните наоди и предложеното зонирање; прогласување мораториум на активности и проекти што не се во функција на заштитата додека не се воспостави целосна законска рамка; и исполнување на меѓународните обврски, вклучувајќи ги и препораките од Бернската конвенција.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање истакнаа: "Министерството за животна средина и просторно планирање смета дека постапката за повторно прогласување на НП Маврово треба да биде завршена, со што ќе се исполнат обврските од Законот за заштита на природата и ќе се донесе План за управување како основен документ за работа на паркот". Оттаму додаваат: "Министерството е отворено за организација на јавна расправа на барање на граѓанските организации".

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи