Почетна
Македонија

Тошковски: Жалам што Бугарија станува заштитник на осомничени и осудени криминалци

Министерот вети јавен извештај откако ќе се заврши истрагата за пребегнувањето на Ива Михајлова.

·Македонија
Тошковски: Жалам што Бугарија станува заштитник на осомничени и осудени криминалци

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека истрагата за пребегнувањето на Ива Михајлова од Кочани во Бугарија е сé уште активна и дека во овој момент немаат информации што би можеле да ги споделат со јавноста. „Кога ќе ја затвориме, јавноста ќе биде информирана за сé што сработило Министерството за внатрешни работи,“ рече тој денеска.

На прашање за реакцијата на официјална Софија, која соопшти дека нема да ја бара ниту ќе ја екстрадира Михајлова, Тошковски го коментира односот на соседната држава со изразување на жалење.

"Навистина жалам што Бугарија станува заштитник на осомничени и осудени криминалци. Навистина жалам, тоа не ѝ прилега на една земја членка на Европската Унија и се надевам дека во иднина ќе го коригираат својот однос во насока на вистинско имплементирање и почитување на европските вредности, затоа што заштита на криминал и заштита на луѓе што се сомничат за криминал не ѝ прилега на една европска демократска држава," рече Тошковски одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026 - 2030.

Ива Михајлова, која има и бугарско државјанство, пребега во Бугарија на 11 октомври и по неа е распишана меѓународна потерница. Во Македонија таа е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици.

Таа имаше судска забрана за напуштање на државата, а МВР по нејзиното бегство соопшти дека нема евидентиран излез од Македонија ниту влез во Бугарија, односно дека границата ја преминала нелегално.

Во Бугарија се крие и таткото на Ивана, Симеон Михајлов, правосилно осуден на 12,5 години затвор за обид за убиство, по кого исто така е распишана меѓународна потерница.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи