Вајц ја повика Кос да вложи дипломатски напори за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија
Известувачот во ЕП побара Комисијата да вложи дипломатски напори додека се претставуваше пакетот за проширување за 2026 година.

Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, пред Комитетот за надворешни работи (AFET), ја повика еврокомесарката Марта Кос да вложи дипломатски напори за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, во рамки на презентацијата на пакетот за проширување за 2026 година.
„Сакам во позитивна смисла да истакнам како Хрватска и Црна Гора се справуваат со билатералните прашања. Сакам да им се заблагодарам на премиерот Пленковиќ и на премиерот Спајиќ што разговараат меѓусебно, што седнаа на иста маса и што наоѓаат решенија за билатералните прашања. Бидејќи билатералните прашања во никој случај не смее да го попречуваат напредокот во процесот на пристапување, а токму вака треба да се постапува,“ нагласи Вајц.
Тој додаде дека примерот на Хрватска и Црна Гора може да служи за други земји: „Сметам, потенцира Вајц, дека ова е и одличен пример за тоа како може да се пристапи кон билатералните прашања што бараат дијалог и во други земји, како што е Северна Македонија."
Вајц предупреди дека дел од билатералните прашања сега се префрлени на европско ниво — особено вклучувањето на малцинствата — и дека треба да се реализираат уставните измени. „Некои од билатералните прашања сега се на европско ниво, станува збор за вклучување на малцинствата, и во тој поглед треба да се реализираат уставните измени. Но, повторувам, единствениот начин да се излезе од тој ќор‑сокак е страните да разговараат меѓусебно, односно владите на Бугарија и на Северна Македонија да седнат и да разговараат. И бидејќи знаеме дека мотивацијата не е секогаш на највисоко ниво, Ве молам, комесарке, да вложите напори во оваа дипломатска насока,“ ѝ порача Вајц на Кос.
Кос, при претставувањето на пакетот за проширување за 2026 година и извештаите на Европската комисија за десетте земји кандидати, истакна дека секоја земја кандидатка може да ѝ се приклучи на групата земји што бргу напредуваат и дека Унијата ги охрабрува сите кандидати да го направат тој избор.
За Северна Македонија, Кос рече дека Владата демонстрира посветеност кон реформите и реформската агенда: „Европската комисијата ќе продолжи да ја поддржува земјата на својот пат кон ЕУ. Нашата цел останува да го отвориме првиот кластер штом ќе се исполнат условите. Земјата треба да ја исполни својата обврска за завршување на уставните измени како што е наведено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022. Сега зависи од Северна Македонија,“ рече Кос.
Фото: прес-материјал од настанот


