Стратегија за безбедност на патиштата: цел – половина помалку несреќи и жртви до 2030
Документот, донесен во септември 2026, предвидува намалување за 50% според 2024 и мерки од санација на црни точки до камери „Безбеден град“.

Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030, која Собранието ја донесе во септември 2026 година, денеска формално ја промовираше Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП). Советот ги презентираше клучните чекори, мерки и зацртани цели за унапредување на безбедноста и спасување човечки животи.
Цел: за половина помалку несреќи и жртви до 2030
Мотото на Стратегијата е „Секој живот е важен“, а документот поставува јасна цел: до 2030 година бројот на сообраќајни несреќи и на жртви да се намали за 50 отсто во однос на 2024 година, која е земена за референтна бидејќи бележи најголем број несреќи и жртви во изминатите пет години.
Во анализата вградена во стратегијата се наведува дека бројот на несреќи растел во периодот 2020–2024. Годишниот просек бил околу 7.900 инциденти: 7.215 во 2020 и 8.457 во 2024 година. Со смртни последици во 2020 и 2021 имало 115 и 106 несреќи, по што следува благо зголемување на 117 во 2022, 118 во 2023 и 124 во 2024. Стратегијата предвидува постепено намалување што ќе го преполови овој број до 2030.
Министерот за внатрешни работи Панчe Тошковски истакна дека во фокусот е човековиот живот и дека целта е до 2030 година да се преполови бројот на човечки жртви споредено со 2024, а заклучно со 2050 година, рече, согласно со светската и европската стратегија, да имаме нула жртви во сообраќајот. Тој ја оцени стратегијата како одличен документ создаден од многу професионалци со вклученост на повеќе институции.
“-Знаеме дека тоа е многу тешка мисија и многу тешка задача, но Македонија покажа, особено во оваа година, со имплементирање на сите активности, дека може да биде една од најдобрите држави во насока на подобрување на условите во сообраќајот и намалување на човечки жртви. Така што, навистина длабоко сум уверен дека е реална и остварлива првичната цел – до 2030 година половина од жртвите коишто ги имавме во 2024 година” – рече Тошковски.
Тој посочи дека на патиштата постојат бројни критични точки и дека МВР заедно со РСБСП интензивно работи на нивно точно утврдување и санација, со посебен фокус на црните точки каде што се губат човечки животи. Додаде и дека драстично се намалува бројот на сообраќајни незгоди откако во февруари 2026 година почна поставувањето на камери преку системот „Безбеден град“.
Официјалните податоци, велат авторите на стратегијата, покажуваат дека во изминатите 35 години земјата имала катастрофален годишен просек на човечки жртви меѓу 145 и 150, при што годините со најмал број жртви биле 2001 и 2021. Во стратегијата се комбинираат инфраструктурни интервенции, зајакнување на контролните мерки, едукација и методологија заснована на податоци за да се постигне целта за 2030 година.
Фото: прес-материјал од настанот


