Посвоените лица би можеле да добијат ограничен пристап до документи за потеклото
Предлог-закон предвидува комисија при министерот да одлучува за опсегот на информации, а пристап за роднини само со согласност.

Полнолетните посвоени лица би можеле да добијат ограничен пристап до документите за своето посвојување доколку се усвојат предложените измени на Законот за семејството. Предлог-законот, поднесен од група пратеници, предлага да им се овозможи на посвоените лица да дознаат дел од своето потекло, без да се промени статусот на податоците како службена тајна.
Кој ќе одлучува за пристапот
Според предложените одредби, пристапот нема да биде автоматски, туку ќе го одлучува посебна стручна комисија формирана од министерот за социјална политика, демографија и млади. Таа комисија ќе го определува опсегот на информации што може да се дадат во секој поединечен случај, земајќи предвид правото на посвоеното лице да го дознае своето потекло, како и приватноста и правата на другите засегнати лица.
Во предлог-измени е предвидена и можностa посвоителите на малолетни деца да добијат информации од документите кога постојат оправдани медицински причини.
Исто така, крвните сродници од прв и втор степен би можеле да побараат пристап до податоците, но тоа би било можно само со изречна согласност од полнолетното посвоено лице.
Како една од причините за предлагањето на законските измени е наведена пресудата на Европскиот суд за човекови права во предметот „Митревска против Северна Македонија“ од 2024 година, со која е утврдена повреда на правото на почитување на приватниот и семејниот живот. Предлог-законот е доставен до Собранието од група пратеници и натаму ќе помине низ собраниските процедури за да стане закон.
Фото: прес-материјал од настанот


