„Меморија“ ќе свири во „Јане Сандански“ на 23 октомври, изведби од „Бис-без“
Концертот на 23 октомври во Скопје ќе ги опфати раните и поновите етапи на македонскиот рок.

Рок-групата „Меморија“ на 23 октомври ќе одржи концерт во салата „Јане Сандански“ во Скопје, со гости од повеќе генерации и програма која се протега до почетоците на македонскиот рок.
Лидерот на бендот Петар Георгиевски-Камиказа најави дека концертот ќе има историска димензија: ќе се свират песни од ерата на легендарните групи „Бис-без“ и „Бон тон“, а ќе биде оддадена почит и на продуцентот Тоше Поп-Симонов.
Од класиката на „Бис-без“ до поновите генерации
Георгиевски ја опиша салата како единствената голема сцена на која групата досега не свирела и се присети на судбината на неколку концертни простори по нивните настапи. „Ова е единствената сала во која ‘Меморија’ досега не свирела. Обично сите сали во кои сме свиреле, за жал, ја завршија својата историја, освен 'Борис Трајковски'. Во 2017 година бевме последни што свиреа во ‘Метрополис арена’ или Скопски саем. Потоа и Универзалната сала, по кратко време од нашето свирење, отиде во историјата, а подоцна некои дури и ја запалија. Се надевам дека ќе се изградат нови сали и ќе се обнови Универзалната сала, за нашите и идните генерации да имаат достоинствени услови во кои ќе можат да ја презентираат својата музичка уметност“, кажа тој на прес-конференцијата.
Во вечерта ќе бидат опфатени неколку развојни периоди на македонската рок-сцена — почнувајќи од „Бис-без“ и песната „Дал да плачам ил да пеам“, преку „Бон тон“, па до понови автори и интерпретатори.
Апостол „Поце“ Икономов, внук на пејачот на „Бис-без“ Коце Икономов, се присети на создавањето на песната и на семејните изведби: „Паметам како настана песнаата. Бев многу мал, но паметам. Роден сум во 1965 година. Некој ќе рече, можно ли е на четири-пет години да свириш? Можно е. Многу сакав да одам на нивните проби. Татко ми ми велеше дека од мене ќе биде тапанар, но не станав тапанар. Таа песна и во други прилики ја имаме свирено со чичко ми додека беше жив, во различни верзии. Роден сум и пораснат во зградата до Соборната црква, каде што живееше и чичко ми. Тој стан и ден-денес е полн со гитари. Во оваа наша верзија, што ќе ја слушнете на 23 октомври, ќе бидете многу изненадени како звучи“, рече Икономов.
Меѓу гостите на концертот ќе бидат Игор Џамбазов со Гуру Харе, Давид Темелков и низа млади музичари. Бени Шаќири со групата „Нон-стоп“ ќе ја отпее песната „Како по навика“ во чест на Тоше Поп-Симонов. „Оваа песна е автобиографска на Тоше Поп-Симонов“, кажа Петар Георгиевски-Камиказа.
Ристо Самарџиев, вториот пејач во бендот, издвои дека концертот е дополнително значаен поради датумот — Денот на македонската револуционерна борба. Клавијатуристот Дavor Јордановски, кој по престој во Канада повторно е дел од „Меморија“, кажа дека настапот во „Јане Сандански“ има и лично значење: „Концертот е во моето старо маало, во Аеродром, во ‘Јане Сандански’, каде што како дете одев да гледам како МЗТ игра кошарка. Вториот голем мерак ми е што, откако се вратив од Канада, звукот на бендот почна повеќе да тежнее кон оргуљи“, рече тој.
Продуцентот Мите Димовски ќе свири тапани на концертот наместо тапанарот Александар Сале Јовановски, кој имаше мозочен удар и 90 дена беше во кома; Георгиевски кажа дека сега е добро, но на концертот ќе биде само гостин. Гитаристот Рубин Димкоски од Прилеп, кој се приклучи во 2024 година, рече дека патувањето на пробите не му претставува проблем и дека досега направил околу 40 доаѓања од Прилеп до Скопје.
Фото: СДК. МК)


