Почетна
Балкан

Мерц: Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е геополитички императив

На Берлинскиот процес Мерц ги повика земјите да забрзаат реформи; Австрија ќе се фокусира на млади и помирување.

·Балкан
Мерц: Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е геополитички императив

Германскиот канцелар Фридрих Мерц на самитот на Берлинскиот процес во Свети Стефан порача дека членството на земјите од Западен Балкан во Европската унија е „геополитички императив“ и ги повика шесте земји да ги интензивираат реформите.

„Членството на земјите од регионот е геополитички императив“, рече Мерц.

Реформи и политичка волја од самиот регион

Во својот говор, Мерц предупреди: „Западниот Балкан не смее да стане место на пресметки за влијание на големите сили. Во наш заеднички интерес е, патот на земјите да води непоколебливо во ЕУ. Само преку оваа заедничка перспектива во заедничкиот европски пазар и во институциите на ЕУ ќе биде постигната неопходната стабилност за регионот. Колку е тоа итно ни го покажува и бруталната руска агресивна војна во Украина“.

Тој го повика регионот да превземе одговорност: „Ние како ЕУ го направивме нашиот дел, но и вие мора да го направите вашиот. Реформите и политичката волја мора да дојдат од вас.“ Мерц ја спомена и својата заедничка иницијатива со францускиот претседател Емануел Макрон за постепено вклучување на земјите од регионот во ЕУ и оцени дека таа напредувала.

Австрискиот канцелар Кристијан Штокер, кој најави дека Австрија ќе го преземе претседавањето со процесот следната година, рече дека приоритети ќе бидат младите, соработката и помирувањето. „Австрија има амбициозни цели, но решавачките чекори треба да се преземат во регионот“, додаде тој и потенцираше: „Билатералните прашања не смеат да го кочат процесот на проширување. Тие не смеат да го одложуваат овој важен геополитички процес“.

На состанокот беше поздравен напредокот на домаќинот Црна Гора кон ЕУ: очекувањата се дека во 2027 година земјата ќе ги заврши преговорите со Унијата, а во 2028 година ќе стане членка на ЕУ. Берлинскиот процес, инициран во 2014 година, беше замислен како механизам за зајакнување на приближувањето на шесте земји од регионот кон Унијата. Оваа година Германија и Франција во јуни започнаа нова заедничка иницијатива за забрзување на пристапниот процес, која предлага делови од интеграцијата да се преземат уште пред полноправното членство како поттик за реформи.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи