Почетна
Македонија

Мицкоски: ЕУ да се вклучи во билатерален спор со Бугарија, нема да влеземе во „авантура“ без крај

Во интервју за МРТ1 од Њујорк Мицкоски побара ЕУ да ги слушне аргументите на двете страни и рече дека нема да влезе во 'авантура' без јасна перспектива.

·Македонија
Мицкоски: ЕУ да се вклучи во билатерален спор со Бугарија, нема да влеземе во „авантура“ без крај

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски од Њујорк рече дека Европската Унија треба да се вклучи во разговорите за билатералниот спор со Бугарија за Брисел да ги слушне аргументите на двете страни и предупреди дека нема да влезе во ризичен процес на пристапување без сигурност дека крајот е достижен. Изјавата тој ја даде во интервју за МРТ1, во рамки на посетата на Соединетите Американски Држави.

Што предлага Мицкоски

„Нашата идеја кога велиме да се вклучи и Европската Унија е со цел да ги слушнат и нашите аргументи и аргументите на другата страна. Јас знам која е загриженоста од страна на официјална Софија. Тие велат, ако ние седнеме во присуство на трет партнер, тоа значи дека навистина имаме билатерален спор. И навистина ние имаме билатерален спор. Ние можеме да измислуваме, да се правиме дека немаме, ние во суштина навистина имаме билатерален спор којшто е сега на својот почеток. И додека е на почеток, јас тоа го кажав и во мојот говор вчера, ние треба да водиме дијалог и токму поради тоа ни се потребни претставници на мултилатерални организации, во случајов Европската Унија, за да ги слушнат аргументите“, вели Мицкоски.

Тој предупреди дека нема да се вклучи во процес кој може континуирано да се поместува. „Не би сакале да влеземе во процес којшто континуирано потоа ќе ни се поместува. Зошто? Затоа што, еве ќе бидам најотворен и најдиректен, утре да ги отвориме преговорите, секое поглавје, секој кластер ќе треба потоа да се гласа во националните парламенти кога се затвора на земјите членки на Европската Унија. Тоа е најмалку 80 пати можност ние повторно да добиеме нови барања. Како тоа ќе изгледа? Ќе излезе некоја порадикална структура во Парламентот на нашиот источен сосед и потоа овие помeјнстрим политичари ќе речат: „Знаете, мораме сега поради домашни проблеми повторно да ги блокираме, знаете руско влијание, вакво влијание, ние се бориме против тоа руско влијание, знаете вие сте лошите Русјаци, ние сме добрите Бриселци’ и отприлика така сето тоа ќе изгледа. Јас во тој процес нема да влезам“, додаде Мицкоски.

Во однос на документот што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, треба да го презентира во Брисел за деблокирање и реорганизација на одредени процеси во Унијата, Мицкоски порача дека доколку ЕУ сака да направи исчекор, најавите треба да се преточат во конкретни мерки.

На свое обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации, Мицкоски повика процесот на проширување да биде уреден со правила и предвидливост. „Ако од малите држави се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш правилата мора и ним да им обезбедат предвидливост. Правилото што важи денес не може утре да биде поинакво само затоа што се променил односот на силите. И преземената обврска не може да биде привремена политичка погодност. Таа мора да биде основа врз која луѓето ќе можат да ја планираат својата иднина“, рече Мицкоски.

Во интервјуто тој повтори дека ја користи секоја прилика да ги презентира аргументите за интеграцијата во Европската Унија додека е на посетa во САД.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи