Почетна
Македонија

СДСМ до Савески: Отворете истрага за Алта банка или ќе поднесеме кривични пријави

СДСМ ја повикува Јавното обвинителство и Савески веднаш да отворат истрага за влезот на Алта банка или партијата ќе поднесе кривични пријави.

·Македонија
СДСМ до Савески: Отворете истрага за Алта банка или ќе поднесеме кривични пријави

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) го повика Јавното обвинителство и државниот јавен обвинител Ненад Савески веднаш да отворат истрага за влегувањето на српската Алта банка на македонскиот пазар и предупреди дека ќе поднесе кривични пријави ако обвинителството не постапи.

Партијата бара расчистување на улогите на Мицкоски, Славески и Кочоска

На прес-конференција портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, рече дека молкот на Обвинителството ја продлабочува недовербата на граѓаните во правосудните органи и отвора сомнеж дека се штити премиерот Христијан Мицкоски. Кузеска додаде дека одложувањето остава простор тој и гувернерот на Народната банка Трајко Славески „да ја заташкаат работата“, да уништат докази и да не се дознаат сметките и трансакциите на Алта банка.

„Нека не чека Савески повик од Мицкоски. Нека му ги одбиве повиците и нека постапува. Обвинителството има обврска кон граѓаните. Бараме веднаш да се испитаат сите околности за влезот на Алта банка во Македонија. Улогата на Мицкоски. Постапувањето на Славески. Предлогот на Кочоска. Владините заклучоци. Потеклото и текот на парите. Сите инволвирани да одговараат. Доколку Обвинителството не постапи, СДСМ највaнува кривични пријави за Алта банка. Го потсетуваме Савески дека јавниот обвинител мора да биде независен и да работи според Уставот и законите. Дека со полагањето заклетва му дал збор на народот“, изјави Кузеска.

Кузеска, користејќи ја метафората „часовникот отчукува“, повика Савески навреме да се огради од Мицкоски и да почне да ја врши својата работа, предупредувајќи дека во спротивно го чека иста судбина како неговите колеги во Србија, за кои се најавуваат апсења. „Савески, часовникот отчукува. Постапете веднаш! Одговорност ќе има!“, рече таа.

СДСМ побара Јавното обвинителство да ги испита улогите на Мицкоски, гувернерот Трајко Славески и министерката за финансии Гордана Димитриеска‑Кочоска во постапката за влез на Алта банка, како и потеклото и текот на парите поврзани со банката. Кузеска потсети дека СДСМ уште во декемвир лани јавно предупредувал дека Алта банка е поврзана со поранешниот српски претседател Александар Вучиќ, неговата партија СНС и со ВМРО‑ДПМНЕ и дека има сомнителен капитал, но дека Славески и Мицкоски сепак одлучиле да ѝ дозволат влез.

Таа посочи и на правосилната санкција од 2024 година што ја изрекла Австриската FMA кон „Алта груп“, како и на сопственикот на Алта банка Давор Мацура, кого СДСМ го опишува како „банкарот на Вучиќ кој стана банкар на Мицкоски“ — Мацура е во притвор во Србија, банката таму е во стечај, а за случајот е отворена истрага. Кузеска рече дека Владата на Мицкоски донела заклучоци со кои му овозможила на Мацура да стекне поголем пакет акции на штета на државата и дека му е дозволено и да купи осигурително друштво.

Државниот јавен обвинител Ненад Савески, одговарајќи на новинарско прашање минатата недела, изјави дека засега е прерано да одговори дали институцијата со која раководи презема истражни дејствија по случајот Алта банка. Тој рече дека Јавното обвинителство внимателно ја следи ситуацијата и дека доколку утврди елементи кои упатуваат на сторено кривично дело ќе реагира. „Како и секоја констатирана ситуација којашто буди особен интерес во јавноста, така и ова ситуација се набљудува од страна на Јавното обвинителството и доколку детектираме дека станува збор за нешто што е поврзано со кривично правен настан ние немаме друг избор освен да реагираме. Меѓутоа не можам конкретно да ви одоговарам во овој момент бидејќи тоа е прерано", изјави тој во четвртокот (5 ноември).

Фото: СДСМ

Поврзани написи