Мицкоски: Локален јавен обвинител соучесник во враќањето на пасошот на Марковски, најавена истрага
Мицкоски обвинува локален јавен обвинител за соучество откако е вратен пасошот на Борче Марковски и бара истрага.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека го следел случајот со враќање на пасошот на обвинетиот битолски бизнисмен Борче Марковски и според него направена е „груба маниупулациија од локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство којшто е соучесник во овој процес“.
„Toa нема така да заврши“, рече Мицкоски и најави истрага. Тој не кажа за кого се работи, појаснувајќи дека не сака да ја попречи истрагата.
Марковски, кој е и почесен конзул на Белорусија во земјата, ја напушти државата откако Основниот суд во Струга му го врати пасошот што претходно му беше одземен како мерка на претпазливост. Тој и уште седум други лица се обвинети за кривични дела поврзани со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“.
Од Обвинителството соопштија дека надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга првично на 15.06.2026 година дал негативно мислење за прифаќање на барањето на одбраната. Откако одбраната поднела ново барање, предметот бил рефериран во Вишото јавно обвинителство Битола; по реферирањето е изготвен записник и Вишиот јавен обвинител донел заклучок со кој понискиот јавен обвинител бил задолжен да поднесе позитивно мислење да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа.
Како аргументи за ваквата одлука, Вишиот јавен обвинител навел дека со определената гаранција се исклучени околностите кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот, а биле прифатени и аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Република Србија чие работење е сериозно доведено во прашање и постои можност да биде нанесена ненадоместлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата. Обвинителството додава дека „сите аспекти на ваквата одлука и соодветната аргументација ќе бидат испитани“.
Адвокатот на Марковски за Телма изјави дека тој е на „тешки состоаноци во Србија“ и оти утре се враќа во Македонија. Марковски дал гаранција од 5 милиони евра.
Мицкоски рече дека „Нема да шпекулирам со имиња и презимиња затоа што допрва ќе има истрага за овој процес, затоа што од страна на надлежното основно јавно обвинитeлство имаме поинаков извешtaj од тоа што е приложено од битолското вишо обвинителство. Ова нема така да заврши, јас гарантирам и лично ќе го следам овој процес“, додаде тој.
Фото: прес-материјал од настанот