Мицкоски на средби со германски компании: фокус на нови инвестиции
Средбите во Дизелдорф и Бон се фокусирани на можни вложувања во телекомуникации, здравство и паметни технологии за зголемување на економската додадена вредност.

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека за време на посетата на Германија остварил средби со раководството на „Дојче телеком“ и со претставници на Германската стопанска комора, на кои главна тема беа нови инвестиции и проширување на бизнис-операциите во земјава.
Приоритети и сектори
Во видеообраќање од Дизелдорф тој информираше дека на агендата бил и состанок со раководството на „Дојче телеком“ во Бон, каде биле разгледани можностите за дополнителни вложувања на македонскиот телекомуникациски пазар и за инвестиции во други сектори.
„Она коешто денеска го разговаравме со главниот директор на ‘Дојче Телеком‘ се нивните потенцијални дополнителни инвестиции во Македонија, на македонскиот телекомуникациски пазар, но тука не се ограничивме. Зборувавме и за потенцијални инвестиции на ‘Германскиот Телеком‘ во други области како што се здравството, паметната технологија и друг тип на индустрии коишто ќе донесат голема додадена вредност за македонската економија и на тој начин ќе го зголемат присуството на ‘Германскиот Телеком‘ во Македонија, но и во регионот“, рече Мицкоски во видеообраќањето.
Премиерот остварил и средби со претставници на Германската стопанска комора, на кои присуствувале компании што веќе инвестираат во Македонија, како и фирми заинтересирани за влез на нашиот пазар.
„Разговаравме за досегашните нивни искуства, како да ги направиме нивните инвестиции поуспешни, но истовремено зборувавме и за зголемување на нивните инвестиции и капацитети, со што исто така би се зголемил и бруто-домашниот производ на македонската економија“, рече тој.
Мицкоски оцени дека денот бил успешен и најави дека посетата на Германија ќе продолжи и утре.
Фото: Принтскрин


