ХЕРА бара враќање на содржините за сексуално и репродуктивно здравје во наставната програма
Организацијата тврди дека со промената на името и редуцирањето на темите се ослабуваат важни информации за безбедноста и здравјето на младите.

ХЕРА — Асоцијација за здравствена едукација и истражување побара од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието да ја вратат во ревидираната програма за гимназиите експлицитната содржина за сексуално и репродуктивно здравје, откако предметот е преименуван во „Здравје и заштита на здравјето“.
Организацијата вели дека се ослабуваат клучни теми
ХЕРА реагира дека со преименувањето и со отстранувањето или разводнувањето на содржините за родова еднаквост, контрацепција и сексуално и репродуктивно здравје не станува збор само за промена на терминологијата, туку за одлука која може директно да влијае врз знаењето и заштитата на младите. „Што значи ова во секојдневниот живот? Тоа значи дека девојче кое се соочува со контрола, притисок или насилство во врска може потешко да препознае дека таквото однесување не е нормално ниту прифатливо. Дека момче кое расте со пораки дека мора да биде доминантно и агресивно нема доволно можности критички да ги преиспита тие очекувања. Дека младите кои имаат прашања за контрацепцијата и сексуалното здравје ризикуваат одговорите да ги бараат на интернет, меѓу дезинформации и непроверени совети,“ порачуваат од организацијата.
Според ХЕРА, намалувањето на превентивните содржини ја лишува младата популација од навремено учење за препознавање на насилство, поставување лични граници, заштита од несакана бременост и сексуално преносливи инфекции и за барање помош. Организацијата нагласува дека „За наставните програми треба да одлучуваат надлежните институции врз основа на научни докази, педагошка експертиза, јавното здравје и најдобриот интерес на детето, а не под притисок на религиозни или идеолошки групи.“
Како аргумент за потребата од сеопфатно сексуално образование, ХЕРА наведува податоци според кои 10 отсто од децата на возраст од 12 до 17 години во Северна Македонија, односно речиси 12 000 деца, биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во период од една година. Дополнително, 8 отсто биле изложени на сексуални слики, 5 отсто добиле несакани барања за интимни фотографии или видеа, 4 отсто биле уценувани дека нивни содржини ќе бидат распространети, а кај 3 отсто таквите содржини веќе биле споделени без нивна дозвола. Во 78 отсто од случаите сторителот бил лице што детето го познава, додека 52 отсто од случаите на сексуална експлоатација се случуваат преку социјалните мрежи. Само 19 отсто од анкетираните деца изјавиле дека добиле некаков вид сексуално образование.
Организацијата истакнува дека во 2024 година биле родени 588 деца од мајки на возраст од 15 до 19 години и потсетува на препораките на Светската здравствена организација и УНЕСКО дека квалитетното, прилагодено на возраст, сексуално образование помага младите да донесуваат информирани одлуки, да градат здрави односи и да го намалат ризикот од сексуално насилство, несакана бременост и сексуално преносливи инфекции.
ХЕРА бара од МОН и Бирото да ја преиспитаат ревидираната програма и да ги вратат научно заснованите содржини за родова еднаквост, сексуално и репродуктивно здравје, контрацепција и превенција од родово базирано насилство, како и да дадат јавно образложение за стручните анализи и препораки врз основа на кои се направени измените. Организацијата бара транспарентна ревизија со учество на експерти од образованието, здравството, психологијата и родовите студии. „Децата имаат право на знаење, а не на цензурирана реалност. Имаат право на заштита, а не на премолчување на ризиците со кои се соочуваат“, порачуваат од ХЕРА.
Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет на УКИМ побара да се врати поимот „род“ во програмата за гимназиите и да се вклучат поимите „родова рамноправност“, „родови улоги“, „родови стереотипи“ и „родово базирано насилство“ со објаснување во воведниот дел. Институтот ја поздравува воведената тема за здрави и безбедни врски, репродуктивно здравје, согласност и сексуално насилство, но укажува дека поедноставувањето на првата тема во „Рамноправност" ја намалува јасноста на концептите.
МОН ја повлече претходната програма на почетокот на септември, неколку дена откако епископот Јаков Стобиски во отворено писмо ја обвини министерката Весна Јаневска дека ја брани „родовата идеологија“. По повлекувањето, Јаневска изјави дека ја прочитала програмата и дека во неа нема ништо спорно. Министерството соопшти дека ги земало предвид забелешките од јавноста и од стручни лица, меѓу кои и од претставници на Комората на психолози, и негираше дека измените биле направени по притисок од верска заедница.
Фото: прес-материјал од настанот


