Институтот за родови студии при УКИМ бара МОН да го врати поимот „род“ во програмата за гимназиите
Институтот предлага „род“, „родова рамноправност“ и други термини да бидат јасно дефинирани во воведот на предметот „Здравје и заштита на здравјето“ пред примената.

Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје побара од Министерството за образование и наука и од Бирото за развој на образованието да го вратат поимот „род“ во наставната програма за изборниот предмет „Здравје и заштита на здравјето“. Институтот бара и термини како „родова рамноправност“, „родови улоги“, „родови стереотипи“ и „родово базирано насилство“ да се вклучат и да бидат дефинирани во воведниот дел пред програмата да почне да се применува.
Од Институтот го поздравуваат внесувањето содржини за здрави и безбедни врски, репродуктивно здравје, согласност и сексуално насилство, но алармираат дека програмата ги бара од учениците да ја објаснат разликата меѓу биолошкиот пол и улогите што општеството им ги припишува на жените и мажите, додека недостасува токму поимот кој ја објаснува таа разлика.
„Ревизија што одговара на оспорувањето со бришење на поимот…“
Во реакцијата Институтот посочува: "Ревизија што одговара на оспорувањето со бришење на поимот не го решава проблемот, туку го пренесува врз наставниците и учениците, кои остануваат без јазикот за појавите што програмата сепак бара да ги анализираат. Одговорот на оспорувањето е јасно, прецизно и возрасно соодветно дефинирање на поимот во самата програма."
Институтот нагласува и дека постои разлика меѓу јазикот во програмата и терминологијата во законите. Како пример го наведе Законот за спречување и заштита од дискриминација, каде полот, родот и родовиот идентитет се посочени како одделни основи за дискриминација. Институтот укажува дека во две теми учениците ќе учат за партнерско, семејно и сексуално насилство, без да го сретнат поимот „родово базирано насилство“, кој е застапен во домашното законодавство и во Истанбулската конвенција.
Според споредба објавена на 31 октомври, новата програма го задржала истиот број часови и теми како повлечената програма за „Сеопфатно сексуално образование“, но првата тема која порано ги опфаќаше родот и родовата рамноправност, сега се вика само „Рамноправност“. Избришан е и терминот „контрацепција“, а во лекцијата за бременост наместо за методи на контрацепција се зборува за заштита од несакана бременост.
Министерството ја повлече претходната програма на почетокот на септември, неколку дена откако епископот Јаков Стобиски во отворено писмо ја обвини министерката Весна Јаневска дека како министерка ја брани „родовата идеологија“. По повлекувањето, Јаневска изјави дека ја прочитала програмата и дека во неа нема ништо спорно. Министерството соопшти дека измени се направени поради забелешки од јавноста и стручни лица, меѓу кои и претставници на Комората на психолози, и отфрли дека промените биле по притисок на верските заедници.
Институтот повика Министерството и Бирото да отворат консултации со академската заедница и понуди да учествува во подготовката на дефинициите и прирачникот за наставници, во обуката на наставниот кадар и во оценувањето на резултатите по првата година од примената на предметот.
Фото: прес-материјал од настанот


