Мицкоски најави национален дата-центар: ќе биде поврзан со постојниот во Прилепско
Премиерот вели дека ЕУ ќе обезбеди грант и евтин заем; центарот ќе ги поврзе институциите преку интероперабилност и ќе ја зајакне кибер-заштитата.

Премиерот Христијан Мицкоски најави изградба на национален дата-центар кој ќе се поврзе со веќе постоечки секундарен дата-центар во Прилепско, и рече дека проектот е дел од реформската агенда со Европската Унија, која ќе обезбеди грант и евтин заем.
Владата: центарот ќе ги собере институциите и ќе го зајакне кибер-заштитата
По посетата на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Берово и одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски рече дека националниот дата-центар ќе ги обедини институциите преку системот на интероперабилност и ќе обезбеди централна кибер-заштита.
„Примарниот дата-центар ќе го поврземе со секундарниот кој се наоаѓа во Прилепско за да имаме заштита ако не дај Боже, настане упад во системот на интероперабилност, да можеме преку секундарниот дата-центар да ги заштитиме податоците. Терцијарно решение ќе имаме национален клауд каде што за секој случај ќе ги чуваме сите информации од сите институции кои ќе бидат поврзани“, изјави тој.
Премиерот потенцираше дека земјата веќе располага со еден дата-центар во прилепскиот регион и дека новиот национален центар, финансиран со средства од ЕУ, ќе работи заедно со постоечкиот за да обезбеди дополнителна заштита и резервираност на податоците.
Мицкоски додаде дека се преговара со пет-шест потенцијални инвеститори за проектот и повторно ја обвини опозицијата дека е против изградбата на дата-центри, обвинување кое го поврза со спротивставување на државниот развој.
„Додека јас сум претседател на Владата во таа насока ќе ја развивам државата. Кога ќе дојде друга опција, тие имаат марихуана-економија. Гледам јавна дебата на некои од медиумите блиски до опозицијата кои ги испраќаат пораките кој ќе ја плател струјата. Ова е пазарна демократија и пазарно општество – струјата ќе ја плати оној кој ќе ја троши по цена по која ќе ја договори на слободниот пазар. Кога станува збор за системот за ладење, се испраќаат пораки кои се стари 10,15, 20 години. Има сосема поинакви начини на ладење на тие дата-центри во зависност од тоа дали ќе се користат за вештачка интелигенција или за други цели“, изјави Мицкоски.
Тој рече дека ја поддржува индустријата и политички и професионално како инженер и професор и повтори дека центрите ќе се градат „согласно нациоанлната стратегија затоа што тоа е иднината на човештвото“.
Фото: прес-материјал од настанот