Мицкоски објави фотографии од средба со Марко Рубио, потврдена важноста на стратешкото партнерство со САД
На фотографиите од средбата во Њујорк се гледа и министрот Тимчо Муцунски; по средбите следуваат разговори во Вашингтон за инвестиции и соработка.

Премиерот Христијан Мицкоски објави фотографии од средбата со државниот секретар Марко Рубио во Њујорк, во рамките на посетата на САД, и ги сподели на својот Фејсбук-профил. На објавените снимки се гледа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, како дел од владината делегација.
„Овие разговори имаат особено значење и претставуваат потврда на важноста на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог со Соединетите Американски Држави“, пишува Мицкоски во објавата.
Според премиерот, директната комуникација на високо политичко ниво претставува важна можност за размена на ставови по прашањата од заеднички интерес, за продлабочување на билатералните односи и за натамошно зајакнување на позицијата на земјата како стабилен и доверлив сојузник.
Средби во Вашингтон и контакти со инвеститори
За време на престојот во САД, Мицкоски и владината делегација имаа низа состаноци со американски институции, со Конгресот и со претставници од економскиот сектор. Тој оствари средба и со главната директорка за политики и вршителка на должност главна директорка за развој на Американската корпорација за меѓународен финансиски развој – ДФЦ (DFC), Каролин Вик. ДФЦ веќе е присутна во земјата преку инвестицијата во проектот „Крстовдол“, во јавноста познат како „Антимон“.
„Во период на сериозни геополитички предизвици, силните партнерства и отворениот дијалог со нашите стратешки сојузници имаат уште поголема тежина. Македонија има јасни државни интереси и продолжува достоинствено и принципиелно да ги застапува заедно со нашите стратешки партнери. Продолжуваме да го јакнеме македонско-американското стратешко партнерство и да создаваме нови можности“, додава Мицкоски.
На политичко ниво, премиерот во Вашингтон имаше разговори со конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, и со конгресменката Клаудија Тени, копретседавачка на Македонската група за пријателство во Конгресот. Од Владата велат дека серијата средби е во насока на преточување на стратешките односи во конкретна економска соработка, нови инвестиции и проекти од интерес за државата.
Мицкоски, исто така, во говор пред Атлантскиот совет во Вашингтон зборуваше за евроинтеграциите на земјата и оцени дека пристапот кон ЕУ не секогаш се спроведува според меритите. Тој истакна дека нема повлекување од дипломатските разговори за билатералните прашања со соседните држави и дека владата ќе продолжи активно да ги застапува државните интереси.
Фото: Фејсбук-профил на Христијан Мицкоски


