Мицкоски: Од изборите во Германија и во Франција ќе зависи интересот за проширување на ЕУ
Премиерот вели дека резултатите во двете најголеми економии ќе одредат дали проширувањето останува приоритет; Владата продолжува да разговара за деблокада на преговорите.

Премиерот Христијан Мицкоски предупреди дека исходот од покраинските избори во Германија оваа есен и од претседателските избори во Франција напролет може да ја одреди судбината на интересот за проширување на Европската унија.
Во гостувањето на вестите на телевизија Сител, Мицкоски изјави дека Владата бара начини да го придвижи евроинтегративниот процес, но дека надворешните политички промени во двете најголеми економии на ЕУ можат да ја отежнат таа задача.
Клучни избори во големите економии
„Првите такви предизвици ќе се случат сега наесен, во најголемата економија во Европа, тоа е Германија, таму ќе има покраински избори, каде што гледаме еден висок рејтинг на Алтернатива за Германија, односно АфД партијата, којашто во една од покраините, Саксонија-Анхалт, може и самата да формира влада. Тоа може да претставува индикатор за реструктуирања и репозиционирања во германското општество и Германија како држава. И не сум сигурен дали тогаш апетитот за проширувањето сè уште ќе биде присутен или фокусот ќе биде кон домашните предизвици“, рече премиерот.
Тој додаде дека и за Франција, втората по големина економија во ЕУ, не е сигурно дали ќе го задржи фокусот на проширувањето, поради што ја потенцираше улогата на кандидатите како Ле Пен и Бардела. „Нивната политика во делот на проширувањето на ЕУ ја знаете. А од друга страна, знаете кој е условот во францускиот парламент – три петини или референдум за прифаќање на нови земји членки во ЕУ“.
Мицкоски рече дека Владата разговара со европските партнери за да најде решение и дека тоа не е тајна; тој истакна дека ја отворил таа тема и за време на средбите во Тиват со претседателот на Франција, Емануел Макрон, и со германскиот канцелар, Фридрих Мерц.
За домашната позиција, премиерот оцени дека претходната Влада оставила држава во „комплетно предавнички губитничка“ состојба поради потпишаните договори, а сегашната администрација се обидува „педа по педа“ да врати што може. Тој ја опиша ситуацијата како „загубена позиција 100:0“ при преземањето на власта.
Мицкоски нагласи дека одговорот на предизвиците треба да биде засилена испорака на реформи. Тој посочи дека благодарение на Декемврискиот извештај од претходната година земјата беше еден од најголемите корисници на средства од Реформската агенда и дека со Јунскиот извештај очекува повторен напредок, вклучително и можност за зголемување на рамката: „Ако досега имаме вкупен буџет – кредит, грант и буџетска поддршка од 750 милиони евра – тој додаток, значи зголемување на таа рамка, бидејќи три држави не испорачуваат доволно, не напредуваат во овој процес, а тоа се Србија, Косово и БиХ, логично е тие средства коишто таму ќе останат неискористени да бидат доделени на овие земји“.
И министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски претходно оваа недела рече дека постојат разговори „под радарот“ за деблокада на евроинтеграциите и предупреди дека владата нема да попушти по прашања поврзани со идентитет, историја, јазик и култура и дека деталите од тие разговори не треба да се споделуваат доколку сакаат да успеат.
Фото: прес-материјал од настанот