Премиерот Христијан Мицкоски: предвремени избори би биле финансиски ризик
Премиерот предупредува дека потребата од 5 милијарди евра во следните две години прави предвремени избори неодговорни.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата ја става финансиската стабилност пред партиските интереси и во овој момент не поддржува предвремени парламентарни избори. Тој оцени дека организирање избори би ја загрозило финансииската положба на државата и дека од политички аспект таков потег може да им одговара на владејачките структури, но е неодговорен.
Мицкоски нагласи дека во следните две години државата треба да обезбеди пет милијарди евра за враќање и рефинансирање на долговите, исплата на камати и покривање на буџетскиот дефицит, поради што периодот е чувствителен за евентуални промени во власта.
„Шест месеци техничка Влада ќе ја однесе државата директно во банкрот“
„Следната година треба да најдеме 2,3 милијарди евра. Шест месеци техничка Влада ќе ја однесе државата директно во банкрот. И таа техничка Влада ќе биде во пикот на најжестоката зима, јануари и делумно февруари месец. А, во 2028 година е многу полесно, иако тогаш се 2,7 милијарди евра. Тогаш ќе можеме да ги пренесеме побарувањата во 2029 година, бидејќи единствено таа година не успеале да ја пополнат со еврообврзница. Дел од обврските можеме да ги префрлиме во 2029 година и да излеземе од овие две години кога треба да обезбедиме ликвидност од 5 милијарди евра“, премиерот Христијан Мицкоски.
Стабилноста на владината коалиција повторно се најде во фокусот откако лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, предупреди дека партијата може да ја напушти Владата доколку се дозволи полагање на правосудниот испит на друг јазик освен на македонски. Димитриевски најави дека ќе побара лидерска средба со коалициските партнери за да се дефинираат ставовите и црвените линии.
Опозицијата, пак, рече дека нема да иницира предвремени избори. Од СДСМ велат дека нема да ѝ дадат алиби на власта и како што велат – „избори ќе има кога ќе снема пари за тендери.“
Во однос на евроинтеграциите, премиерот не најави поагресивна офанзива за уривање на ветото од Бугарија. Тој оцени дека дипломатскиот пристап дава скромни резултати и го опиша спорот со Бугарија како дипломатски маратон, во кој поважни се државните интереси отколку брзите потези за задоволување очекувања. Растечкиот отпор кај граѓаните кон уставните измени, според него, не се користи како аргумент во разговорите со европските партнери, туку останува информација за домашна употреба.
Фото: прес-материјал од настанот


