Мицкоски: Потврдена е утрешната средба во Софија, ќе испратиме порака дека само со дијалог може да дојдеме до решение
Премиерот вели дека Северна Македонија ќе инсистира на дијалог, добрососедски односи и побрзо членство во ЕУ на средбата во Софија.

Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека Бугарија официјално ја потврдала билатералната средба помеѓу министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова, која треба да се одржи утре во Софија на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8.
Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот појасни дека форматот на најавената средба сè уште не е утврден и дека организациските детали ќе ги обезбеди домаќинот.
Пораката што ќе ја испрати државата
Мицкоски го образложи и ставот што, како што рече, ќе го презентира нашата држава на средбата: дека Северна Македонија е за добрососедски односи и дека останува посветена на својата стратешка цел — членството во Европската Унија.
„Нашите пораки се јасни – дека само со дијалог може да дојдеме до решение од оваа состојба во која во моментов се наоѓаме, дека ние сме за добрососедски односи и дека сакаме што побрзо да ја реализираме нашата стратешка цел, а тоа е членството во ЕУ“, рече премиерот во пресрет на утрешната средба на министерот Тимчо Муцунски со својата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова.
Тој потсети дека „Во текот на вчерашниот ден добивме официјална потврда за билатерална средба, а форматот и начинот, како што стои во дипломатската нота, дополнително ќе бидат договорени. Така што утре ќе има билатерална средба, но ќе видиме во кој формат и како ќе изгледа таа средба, да видиме како тоа ќе го организира домаќинот“, додавајќи дека до вчера немал големи очекувања за исходот.
На крајот, Мицкоски го коментираше и најавеното укинување на ветото за билатерални прашања од страна на Европската комисија, оценувајќи дека „ЕУ ја препозна злоупотребата на дел од членките“ во врска со ова прашање.
Фото: Архива


