Почетна
Политика

Мицкоски повика на единство и се закани дека ќе „расчистува со талогот“; седна до обвинителот Савески

Премиерот Христијан Мицкоски повика на единство, предупреди против наградување на „талогот“ и седна до државниот обвинител Ненад Савески.

·Политика
Мицкоски повика на единство и се закани дека ќе „расчистува со талогот“; седна до обвинителот Савески

На 35‑годишнината од независноста, на 8 септември 2026 година, премиерот Христијан Мицкоски одржа говор на платото пред Владата, повика на единство и се закани дека ќе „расчистува со талогот“. Настапи пред истакнати претставници на власта предводена од ВМРО‑ДПМНЕ и во еден момент седна до државниот обвинител Ненад Савески.

Клучни делови од говорот

„Искрено да погледнеме и кон времињата кога сме биле на висина на историската задача и кон времињата кога не сме биле достојни на жртвите и идеалите на генерациите пред нас. Имаше години што ги изгубивме, можности што ги пропуштивме. Имаше генерации кои очекуваа повеќе од нас, а добија помалку. Се донесоа болни одлуки, и направија тешки отстапки. Се смени знаме, устав, име. Премногу луѓе заминаа затоа што не видоа простор во својата земја да го остварат она што го знаат и можат, премногу чесни луѓе гледаа како пред нив поминуваат оние со подобри врски, со поголема политичка заштита или со помалку совест, а вредните, тивките и способните луѓе, оние на чии рамена всушност стои секоја држава, останаа невидливи“, кажа тој.

Мицкоски потсети дека во овие три и пол децении се изградиле институции, се создаде сопствен монетарен и економски систем, станаа членка на Обединетите нации и на НАТО, и се помина низ ембарга, кризи, конфликти, економски потреси и политички поделби кои ја обликувале траекторијата на државата.

Во говорот тој повика на конкретни државни и граѓански обврски: да се сака државата доволно да не се лажеме самите себеси, да се биде горд, но да не се крие нејзините рани, да се слават победи и да се учи од порази и наместо постојано да прашаме што светот ни направил, понекогаш да имаме храброст да прашаме што ние сами ѝ направивме на државата.

„Нашата борба е да создадеме земја во која едно дете, без разлика каде е родено и колку пари имаат неговите родители, ќе може со знаење и труд да стигне до врвот, земја во која еден млад лекар нема да мора да замине илјадници километри за да има достоинствен живот, земја во која еден земјоделец ќе знае дека неговата работа има вредност, еден претприемач дека законот ќе важи еднакво за сите, а еден работник дека неговиот труд не е евтина ставка во туѓ биланс“, рече Мицкоски.

Потоа тој го истакна и предупредувањето за тоа кој се наградува во една држава: „Една држава на крајот е токму онаа страна која ќе ја избере да ја награди. Ако ги наградува најспособните, ќе напредува. Ако ги наградува најчесните, ќе има доверба. Ако го наградува трудот, ќе создава. Но ако го наградува талогот, тогаш талогот неизбежно ќе стане елита. А држава во која талогот станува елита е држава од која вистинската елита си заминува. Токму тоа мора да го смениме. Не од одмазда. Не заради политичка пресметка. Туку затоа што без воспоставување на основна правда нема силна држава, нема функционална економија, нема доверба и нема иднина“, порача тој.

Мицкоски побара да не се делиме и во говорот посвети посебни критики на оние кои, според него, се против големи инфраструктурни и здравствени проекти: „Тие се против болници, против патишта, против нов клинички центар, против инфраструктурни објекти за општините какви градиме, против брза железница, против покачени плати и пензии. Против дата центри, против нови инвестиции. Ако се каже треба нов владин авион, тие веднаш скокаат и велат се луксузирате. А не бројат колку животи ќе се спасат бидејќи тој авион е и за таа цел. Тоа е кусогледата политика“, рече тој.

На крајто Mицкоски го посочи и економскиот показател за раст во вториот квартал од 2026 година — реален раст на БДП од 4.3 проценти, кој, според него, е еден од најдобрите во Европа, и забележа дека во вториот квартал минатата година растот бил 3.5 проценти.

С. К. Делевска

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи