Премиерот Христијан Мицкоски: Евроинтеграциите се маратон, не трка на 100 метри
На академијата по повод 23 октомври во МНТ тој рече дека земјата ќе успее преку трпеливост и долгорочна политика.

Премиерот Христијан Мицкоски го опиша процесот на евроинтеграции како маратон, а не како брза трка на 100 метри, на свечената академија по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 октомври, одржана во МНТ.
Политиката како трпелива и далекусежна игра
Во говорот тој одговори на критиките дека владата води млака политика во односите со соседите и кон европските интеграции, наведувајќи дека на неразумните чекори одговара со разум, на провокациите со принципи, а на притисоците со отпорност.
Мицкоски рече дека политиката не е натпревар во мускули, туку „партија шах“ во која малите народи успеваат со трпеливост, мудрост и долгорочно дејствување. Тој додаде дека функцијата премиер подразбира работа за обезбедување иднина за децата, а не раскажување за минатото.
Премиерот истакна дека нема да падне во замките на разни служби и на провокациите прикажани преку „итроманските игри“, и објасни дека поради тоа е почната и масата за дијалог од која наводно порано некои бегаа и велеа дека е невозможна.
„Кога многумина ќе кажат: ‘Играте млако’, треба да знаат дека дејствуваме трпеливо и со мудрост. Мојата задача како премиер не е да се занимавам со коски кои припаѓаат на минатото, туку со обезбедување иднина која им припаѓа на нашите деца. Да учиме од грешките од минатото. И затоа седнавме на маса за дијалог, од која тие долго бегаа и велеа дека тоа е невозможно. Нема да паднам во замките на разните служби и на провокациите прикажани преку итроманските игри. На неразумните чекори одговарам со разум, на провокациите со принципи, на притисоците со отпорност и верба во она што сме и што претставуваме. Не треба секогаш на прва да се реагира и јас не трчам трка на 100 метри, туку маратон, и на тој маратон ќе победиме како многупати досега“, рече Мицкоски.
Фото: Влада)


