Мицкоски: Предлог-законот за „Скопје 2028“ е повлечен и ќе оди на јавна дебата
Мицкоски: Предлогот што предвидува ослободување од Законот за јавни набавки е повлечен и ќе мине низ јавна дебата поради реакции за можно злоупотребување.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“ е повлечен од Собранието и ќе биде ставен на јавна дебата, откако предизвика реакции поради предвиденото ослободување од Законот за јавни набавки.
При посетата на болницата во Битола, Мицкоски изјави дека предлогот — според кој трошоците за проектот не би биле опфатени со Законот за јавни набавки — бил предмет на жесток обид за манипулација со јавноста, па процесот бил сопрен.
„Еден од приоритети за спроведување на проектот е и законот којшто се прави согласно сите препораки од страна на Европската Унија. Не е ова ништо поразлично од тоа што било во Хелсинки. Инаку, за правилно информирање на јавноста, сакам да напоменам дека станува збор за таканаречена книга којашто е добиена уште од пред 5-6 години, во којашто се дефинирани приоритетите од порано, наследени од оваа Влада и од овој градоначалник. За жал, некој се обидува свесно да ја манипулира јавноста и свесно да ги дезинформира граѓаните. Но, она коешто јас како човек, прво, нема да го дозволам, а тоа е да остане и било каков милиметар сомнеж во било кој процес. Затоа, на мое инсистирање, законот од Парламентот беше повлечен, истиот ќе биде ставен на јавна дебата, истиот ќе се дебатира. Малку ќе задоцниме, но ќе се обидеме тоа темпо да го задржиме до крајот на годината и да влеземе во процес во којшто сè ќе биде навремено испорачано, а Скопје ќе биде Европска престолнина на културата 2028“, рече Мицкоски.
Што предвидува предлогот и кој ќе ги спроведува парите
На 28 јули до Собранието беше доставен предлог-закон со кој се предлага основање Фондација „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ и со кој се предвидува дека Законот за јавни набавки нема да важи за трошоците на проектот. За проектот се предвидени 21 милион евра, од кои 95 отсто се средства од државниот буџет и од буџетот на Град Скопје, а 500.000 евра се од европски фондови.
Според предлогот, постапките за трошоците треба да ги спроведува Фондацијата. Градот формално ја формираше Фондацијата „Скопје Европска престолнина на културата“ на 28 јануари, а во јуни за директор беше именуван Марјан Цветковски, кој претходно 15 години раководеше со Македонската радиотелевизија.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, одговарајќи на советничко прашање за изборот, го бранеше именувањето. „Марјан Цветковски го познавам долги години. Сметам дека е човек со сериозно искуство и убеден сум дека ќе даде одлични резултати“, рече Ѓорѓиевски.
Веднаш по предложениот закон реагираа граѓански организации и државни тела: Платформата за борба против корупцијата и Антикорупциската комисија побараа повлекување на предлогот, со образложение дека со него се отвора пат за крадење државни пари. Поранешната министерка Костадиновска-Стојчевска исто така ја критикуваше мерката и предупреди дека властите ризикуваат повторување на злоупотреби од минатото.
Градот во февруари објави прв конкурс за финансирање културно-уметнички проекти за „Скопје Европска престолнина на културата 2028“ со вкупен буџет од 300.000 евра и поединечни грантови до 50.000 евра, но резултатите од конкурсот сè уште не се објавени. Скопје ја доби титулата во септември 2023 и ќе ја дели со České Budějovice (Чешка) и Bourges (Франција).
Фото: СДК.МК)