Почетна
Политика

Мицкоски: Просечната плата до 2028 ќе биде 1.000 евра

Премиерот во Куманово рече дека економските индикатори покажуваат раст и побара национално единство за европска иднина.

·Политика
Мицкоски: Просечната плата до 2028 ќе биде 1.000 евра

Премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на празникот 11 Октомври во Куманово ги презентираше економските упатства на својата Влада и постави конкретна цел за растот на примањата.

Како што рече пред присутните, државата треба да премине од „преживување“ кон напредување, а мерка за тоа е просечната плата која, според неговите зборови, треба да достигне 1.000 евра до 2028 година.

Економски показатели

Мицкоски ги наведе податоците за растот и извозот како поткрепа на оваа цел и во својот говор рече:

„Економија која се движи напред создава нова вредност и отвора простор за повисок животен стандард. Во 2024 и 2025, а во таа насока продолжуваме и во 2026 година, номиналниот раст е најголем во регионот и е над 8%. Извозот во првите осум месеци од годината достигна 5,74 милијарди евра, со раст од 8,7 проценти. Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари, со годишен номинален раст од 7,1 процент. Целта на оваа Влада е до крајот на мандатот да се приближиме кон просечна плата од 1.000 евра“, рече Мицкоски.

Покрај економските тези, премиерот подвлече дека европската перспектива на земјата не смее да биде во судир со зачувувањето на достоинството и националниот идентитет. Тој повика на широка одговорност и единство во односите со соседите и во решавањето на регионалните прашања:

„Сакаме европска иднина, силни сојузништва и пријателства, но со исправена глава. Македонскиот идентитет, јазик и историја се нашето наследство, нашата гордост и нашата обврска кон идните генерации. Нашата татковина е поголема од секоја партија и секоја влада. Политичките разлики не смеат да бидат посилни од заедничката одговорност. Потребно ни е национално единство околу големите стратешки цели. Со нашиот источен сосед нè поврзуваат соседството, историјата и иднината на овој регион. За минатото можеме да имаме различни толкувања. За иднината мора да имаме заедничка одговорност, да изградиме односи во кои никој нема да мора да го негира другиот за да се потврди себеси. Нашиот јазик не е пречка за европската иднина. Тој е дел од европското културно богатство. Нашиот идентитет не е проблем што треба да се реши, туку достоинство што треба да се почитува. Не бараме Европа да избира помеѓу нас и нив. Бараме европските принципи да важат еднакво за сите“, рече Мицкоски.

Во завршниот дел од говорот тој ги повика политичките актери да се приклучат кон остварувањето на поставените стратешки цели и да ја поддржат економската политика која, според него, треба да донесе повисоки примања за граѓаните.

Фото: Влада на РСМ)

Поврзани написи