Мицкоски во следните денови најави средби со потенцијални купувачи на Алта банка
Премиерот од Валандово рече дека Народната банка и Владата контролираат состојбата и дека целта е да се најде нов сопственик

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Народната банка и Владата располагаат со инструменти со кои целосно ја контролираат состојбата со Алта банка и дека целта е банката да биде спасена и штедачите заштитени. Изјавата ја даде по пуштањето во употреба на третата фаза од системот за наводнување „Страиште“ во Општина Валандово.
Владата ќе бара купувач
Мицкоски рече дека Владата работи на пронаоѓање решение и на тоа да се најде нов сопственик на банката, и ги отфрли обвинувањата на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) дека предложените модели нема да дадат резултат.
Тој го посочи СДСМ како фактор кој, како што кажа, се радува на црните сценарија и го нагласи ангажманот на институциите. „Тие се радуваат граѓаните да не бидат обесштетени по принципот на ТАТ од времето на СДСМ, по принципот на Еуростандард банка од времето на СДСМ. Јас кажав и стојам на тоа дека до последниот цент секој доверител, секој штедач ќе биде обесштетен, бидејќи најголемиот дел од штедните влогови се осигурани во Фондот за осигурување на штедни влогови, а активата на банката е многу поголема од побарувањата. Но, ние се трудиме да не дојде до тоа, односно до ова црно сценарио за коешто СДСМ се моли секој ден, односно да најдеме купувач“, рече премиерот од Валандово.
За конкретните активности, Мицкоски најави: „Следните неколку денови, заедно со гувернерот и министерката за финансии, ќе имаме средби со повеќе финансиски институции коишто би можеле да бидат потенцијални купувачи на банката“.
Во врска со состојбата во Србија, Мицкоски посочи дека менувачниците таму го ограничиле менувањето евра до 300 до 400 евра, што, според него, е сериозен индикатор за стабилноста на српскиот банкарски систем: „Значи, не може повеќе да се врши конверзија на тамошната валута динари во евра. И тоа претставува сериозен индикатор за стабилноста на тамошниот банкарски систем. Се надевам дека најцрното сценарио ќе биде избегнато затоа што Србија е значаен трговски партнер за Македонија“.
Премиерот изрази загриженост дека евентуално влошување на состојбата во Србија може да ја погодe и македонската стопанска активност, наведувајќи дека повеќе домашни компании соработуваат со српски партнери кои, според неговите информации, имаат блокирани сметки и средства во Алта банка. „Голем број наши компании соработуваат со српски компании и многумина од сопствениците на тие компании ми се јавуваат и ме прашуваат што понатаму, бидејќи нивните партнери од Србија имаат блокирани сметки и средства во Алта банка. Дел од нив дури и го затвориле својот бизнис, односно банкротирале, со што практично нашите компании сега има проблем“, рече Мицкоски.
Од СДСМ побараа Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага за премиерот Христијан Мицкоски, гувернерот на Народната банка Трајко Славески и министерката за финансии Гордана Кочоска, поради, како што тврдат, нивната улога при влезот на Алта банка на македонскиот пазар. Портпаролката Богданка Кузеска пред Владата порача: „Бараме, ОЈО да не чека и да не се правда дека има време. Нема време, се доцни 11 месеци. Веднаш да отвори истрага и за Мицкоски, Славески и за Кочоска. Да се вклучи и Европското обвинителство за да се провери текот на сите пари за Алта банка. Сите вмешани во скандалот со Алта банка да одговараат“.
Одделно, Народната банка воведе привремена администрација во Алта банка Битола додека не се промени сопственоста на банката.
Фото: Принтскрин


