Мицкоски: СДСМ прави хистерија и ги одвраќа потенцијалните купувачи на Алта банка
Премиерот ја повика Јавното обвинителство да испита, а штедачите да не подлегнуваат на, како што рече, хистеријата од опозицијата.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска јавно се огласи поради случувањата околу Алта банка и ги повика штедачите да не подлегнуваат на, како што оцени, намерно создадена паника од опозицијата СДСМ. Изјавата ја даде по заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Михаилис Рокас.
Два сценарија за иднината на банката
Мицкоски ги обвини пратениците и активистите на СДСМ дека со јавните настапи им го одвраќаат вниманието и ги плашат потенцијалните купувачи на банката, а истовремено ги повика обвинителните органи да постапат по, како што рече, кривичното дело саботажа.
„Истата хистерија ја правеа и кога Виктор Орбан ги загуби изборите во Унгарија, а со хистеријата продолжија и по поразот на Александар Вучиќ во Србија. Така што, се обидувам да го портретирам карактерот на нашата опозиција која нема да престане да создава паника, немир, хистерија во врска со случајот Алта банка. Тие најмалку се грижат за штедачите и доверителите на Алта банка, туку мислат дека на тој начин ќе остварат политички бенефит и ќе се факторизираат на македонската политичка сцена бидејќи се оптеретени со внатрешни поделби“, изјави Мицкоски.
Во врска со правниот аспект, премиерот порача:
„Редно е, согласно Кривичниот законик, Јавното обвинитлство да се позанимава за делото саботажа кое го прави опозицијата, која свесно го урива Уставот и дражвниот поредок ширејќи невистини, креирајќи немир и на тој начин ги доведува граѓаните во чувство на несигурност и исплашеност. Ова кривично дело, ќе ги потсетам, се казнува со казна затвор од најмалку три години и по оној КЗ кој тие го сменија во 2023 година“, рече тој.
Премиерот ја презентираше и оценката за ризиците за штедачите и ги повтори проверените бројки:
„Според нашите проверки, 95-96 отсто од штедачите се со штедни влогови до 30 000 евра, тие се загарантирани во целосната сума. Да бидат спокојни затоа што до цент, до денар ќе им бидат вратени. Останатите кои ќе влезат во стечајната маса, а тоа се неколку стотини, исто така да бидат спокојни, затоа што активата на банката е многу поголема одошто побарувањата од истата, можеби два до трипати поголема. Така што, апелирам до граѓаните, бидете спокојни, ве молам. Немојте да потпаѓате под хистеријата и лагите на опозицијата“, нагласи Мицкоски.
За опцијата продажба, тој посочи: „Првото сценарио е да се обезбеди купувач, што ќе биде многу тешко бидејќи гледате што прават (СДСМ), држат прес-конференции пред Народна банка и ги одвраќаат потенцијалните купувачи кои ќе ја консолидираат банката“, додаде премиерот, обвинувајќи дека така се попречуваат преговорите.
Мицкоски го образложи и потеклото на сопственичката трансакција: „На јавна аукција, акционерите од банката, кои се приватни лица, и со кои Владата ниту има ниту сака да има врска, ги продаваат акциите на сопственикот на Алта банка Србија и така стануваат сопственици на Стопанска банка АД Битола, која потоа ја ребрендираат во Алта банка Македонија“, рече тој.
Фото: Влада


