Јавното обвинителство ја следи ситуацијата со Алта банка и ќе реагира ако се открие кривично дело
Ненад Савески: Обвинителството ја набљудува ситуацијата и ќе интервенира ако детектира кривично-правни елементи.

Државниот јавен обвинител Ненад Савески изјави пред новинарите дека Јавното обвинителство го следи развојот на настаните поврзани со Алта банка и дека ќе интервенира доколку утврди елементи на кривично дело, но додаде дека за сега е прерано да тврди дали се водат конкретни истражни дејствија.
По состанокот на Советот на јавните обвинители, Савески одговараше на прашања дали институцијата што ја предводи презема активности во врска со случајот. Според него, ситуацијата се набљудува и ќе следи реакција од обвинителството доколку тоа е потребно.
„Како и секоја констатирана ситуација којашто буди особен интерес во јавноста, така и ова ситуација се набљудува од страна на Јавното обвинителството и доколку детектираме дека станува збор за нешто што е поврзано со кривично правен настан ние немаме друг избор освен да реагираме. Меѓутоа не можам конкретно да ви одоговарам во овој момент бидејќи тоа е прерано“, изјави Савески.
Соработка со српските правосудни органи ќе има, ако се покаже потреба
На прашањето дали Обвинителството побарало информации од колегите во Србија — во услови кога таму е отворена истрага и сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, е во притвор — Савески рече дека до сега нема конкретна комуникација, но потенцираше дека соработката ќе се спроведе непречено ако се покаже потреба.
„Ние имаме прекрасна соработка со колегите од соседна Република Србија, така што доколкку има потреба од такави пподатоци и комунакција со правосудните органи од Република Србија, тоа секако дека непречено би се остварило“, додаде тој.
Настаните во Србија имаат рефлексија и во земјава бидејќи Алта банка Белград минатата година стана мнозински сопственик на Алта банка АД Битола по преземањето на Стопанска банка АД Битола. Народната банка на Србија на 31 октомври ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка, а на 3 ноември беше отворена стечајна постапка. Мацура беше уапсен на 2 ноември, а Вишиот суд во Белград на 4 ноември му одреди 30-дневен притвор, како и за уште двајца вработени.
Српското јавно обвинителство го сомничи сопственикот дека ја злоупотребил својата положба и од трезорот на банката изнел околу 45 милијарди динари, односно повеќе од 380 милиони евра; на другите двајца вработени им се става на товар дека му помогнале.
Во однос на Алта банка АД Битола — која е посебен правен субјект, но поврзана преку сопственичката структура со белградската банка — Народната банка на Република Северна Македонија воведе привремена администрација и ограничувања за корисниците. Физичките лица имаат неделен лимит од 10.000 денари за готовински подигања и плаќања со картичка, додека внатрешните трансфери во банката остануваат неограничени. Од денеска, преку посебни шалтери, граѓаните кои немаат платежни картички ќе можат да подигаат по 20.000 денари на неделна основа.
Во меѓувреме, по барање на опозицијата, во Собранието ќе се одржи надзорна расправа за случувањата со Алта банка. Опозицискиот СДСМ повторно ја повикува Јавното обвинителство да отвори истрага и упати обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кои според СДСМ се главно одговорни за влегувањето на банката во земјата.
Фото: Архива


