Почетна
Македонија

Гужвата се прелеа пред другите банки во Битола откако „Алта банка“ престана да работи со клиенти

Граѓаните и пензионерите отвораат нови трансакциски сметки откако „Алта банка“ престана да работи со клиенти; централната банка воведе ограничувања.

·Македонија
Гужвата се прелеа пред другите банки во Битола откако „Алта банка“ престана да работи со клиенти

Пред филијалата на „Алта банка“ во Битола веќе нема редици, но гужвите се префрлија пред експозитурите на другите банки — граѓаните, особено пензионерите, брзаат да отворат нови трансакциски сметки за да ги префрлат платите и пензиите. Пред повеќето шалтери чекаат десетици луѓе, а на некои места се чека и по околу еден час.

За пренасочување на платата постапката е поедноставена: вработениот отвора нова трансакциска сметка и клиентот ја известува институцијата или фирмата за да му се исплаќа платата на новата сметка од следниот месец. За пензионерите, сепак, постапката е покомплицирана — тие можат да отворат сметка во друга банка, но новата банка бара испис или потврда од „Алта банка“ за да ја префрли пензијата.

„Како да извадиме потврда или испис дека заминуваме од ‘Алта банка’, кога таа од вчера, 2 ноември, не работи со клиенти? Во другите банки ни велат да ја доставиме потврдата до 20-ти во месецот, во спротивно пензијата може да доцни“, велат загрижени битолчани.

Регулаторните мерки го зголемија притисокот

Проблемот настана по објавата дека на 31 октомври Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград, која е сопственик на банката во Битола. Во образложението беше наведено дека кај српската банка има значително влошување на финансиската состојба и ризик по интересите на депозитите.

По ова, Народната банка на Северна Македонија воведе привремена администрација во битолската експозитура и дозволи неделен лимит од 10.000 денари за плаќањата и повлекувањата преку платежни картички. Ограничувањето дополнително ги вознемири клиентите кои очекуваа плати и пензии на почетокот на ноември и не можат слободно да располагаат со средствата.

„За оние од нас што немаме пречекорен лимит, далеку од секоја здрава логика е да останеме заробени во некоја банка кога сакаме сопствените пари да си ги префрлиме во друга“, велат пензионери од Битола.

Народната банка најави дека пензионерите кои земаат пензија преку „Алта банка“, а немаат платежни картички, ќе можат еднократно да подигнат до 20.000 денари на шалтер. Од вкупно 11.500 пензионери кои примаат пензија преку банката, околу 3.500 немаат платежни картички.

До објавувањето на овој текст, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не одговори на прашањата што можат да преземат пензионерите за да ја префрлат пензијата и да избегнат доцнење во исплатата.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи