Мицковски со Јанша во Њујорк: Македонија бара фер и предвидлив пат кон ЕУ
Премиерот рече дека интеграцијата треба да се темели на заслуги, исполнети критериуми и реални резултати.

Во Њујорк, претседателот на Владата, Христијан Мицковски, оствари средба со претседателот на Република Словенија, Јанез Јанша, соопшти Мицковски на Фејсбук.
На средбата, наведува тој, биле разгледани европската перспектива на Македонија, продлабочувањето на политичката и економската соработка меѓу двете земји, како и актуелните геополитички и безбедносни предизвици во Европа и регионот. Мицковски истакна дека земјата останува посветена на реформите кои носат подобар живот за граѓаните.
Јасна порака за критериуми и заслуги
„Нашиот став е јасен – европската интеграција мора да се темели на заслуги, исполнети критериуми и реални резултати, а не на нови билатерални условувања кои немаат суштинска врска со европските вредности. Не бараме привилегии и не бараме пократок пат. Бараме фер и предвидлив процес во кој постигнатото ќе се вреднува, а Македонија ќе биде почитувана како држава и партнер, вели премиерот.“
Мицковски ја опиша Словенија како долгогодишен пријател и важен партнер во Европската унија и НАТО, додавајќи дека постои заеднички интерес тоа пријателство да се преточи во посилна економска соработка.
Според него, целта е повеќе инвестиции и конкретни проекти кои ќе отвораат нови можности за граѓаните и стопанството, а средбата ја означи како дел од пошироките дипломатски активности за унапредување на пристапниот процес и за обезбедување на почит кон Македонија како држава-партнер.
Фото: прес-материјал од настанот


