Мигел Харамило Постиго, „српскиот зет“, ќе настапи во Скопје со „Шпанско село"
Шпанскиот комичар што живее и работи во Србија настапува пред скопската публика со материјал за јазични недоразбирања и културни судири.

Популарниот стендап комичар Мигел Харамило Постиго, кој на Балканот е познат под прекарот „српскиот зет“, ќе настапи пред скопската публика со своето најпопуларно шоу „Шпанско село“. Роден во Севиља и по професија филмски постпродукцент, тој повеќе од една деценија живее и работи во Србија, а на сцената гради материјал од конфликтот меѓу шпанскиот темперамент и балканската реалност.
Случаен почеток, стабилен живот
Како што самиот раскажува: "Мојот пат кон Србија започна сосема случајно." Во Србија пристигна во ноември 2013 година — првично по работа, но таму ја запозна љубовта на својот живот и реши да остане. Оженет е со лекарката Гала Живковиќ и живее на релација Белград–Крушевац, што често го снабдува со материјал за шеги за локалниот менталитет.
Во неговите настапи доминираат теми како јазичните недоразбирања, семејните односи и разликите во секојдневните навики. Ја опишува интеграцијата во новата средина со слика која тој ја нарекува "културен ватербординг" — кога луѓето ќе те научат на сѐ, од зборови до музика и обичаи, за да станеш дел од друштвото.
При тоа не штеди автокритика. За сопствените почетоци на патување вели: "Нема ништо полошо од толку долго чекање на аеродром. Но бев млад и глупав. Сега сум само глупав." Токму овие ситни незгоди често ја прават неговата материја блиска и препознатлива за публиката.
Јазичните збрки му даваат неколку од најсмешните анегдоти. Признава дека ги мешал изразите „се шегувам" (šalim se) и „се согласувам" (slažem se) и ја раскажува сцената кога рекол: "Хахаха, колку си глупава, се согласувам!" Исто така го памети првото запознавање со тетка ѝ на сопругата во Хановер, кога, одговарајќи на прашањето дали сака уште да јаде, изјавил: "Не, јас свршив" (svršio) — наместо да каже завршив (završio) — и тетката го пречекала со насмевка: "Сакаш да ти донесам пешкир?"
Како што вели, никогаш не настапувал на шпански: „Да бидеш духовит на маса и да бидеш духовит на сцена не е исто.“ Со помош на контекст и брзина на изложување тој ја обликува својата комедија за балканската публика, а локалниот колор, вклучително и „ракијата“, е дел од неговиот репертоар: "Ракијата ми го смени генетскиот код."
Фото: прес-материјал од настанот


