Министерството: Ангажирањето посебни советници е согласно закон
Министерството вели дека огласот за двајца посебни советници е објавен според законската постапка и по согласност од Министерството за финансии.

Министерството за култура соопшти дека огласот за ангажирање двајца посебни советници во Кабинетот на министерот Седат Сулејмани е објавен во согласност со законот и по добиена согласност од Министерството за финансии.
Министерството ја наведува правната основа
Во соопштението се повикуваа на законската одредба која овозможува ангажирање посебни советници: "Согласно член 22 став 1 алинеја 6 од Законот за вработените во јавниот сектор, во кабинетите на министрите може да се ангажираат посебни советници, чиј мандат трае до истекот на мандатот на министерот. Оваа законска можност е користена и од претходни министри и претставува редовно предвиден механизам за обезбедување стручна поддршка во работата на кабинетите."
Министерството посочува дека огласот е објавен по добиена согласност од Министерството за финансии, а рокот за пријавување е утврден согласно законската процедура и не е произволно определен од Министерството за култура и туризам.
Во соопштението дополнително се прави јасна разлика меѓу државните советници во Министерството и посебните советници во Кабинетот на министерот, наведувајќи дека станува збор за две различни категории, со различен правен основ, статус и работни обврски. "-Бројот на државни советници во Министерството не претставува аргумент за оспорување на законската можност за ангажирање посебни советници во Кабинетот. Ангажирањето стручни лица во Кабинетот има за цел да обезбеди дополнителна експертиза и професионална поддршка во креирањето и спроведувањето на политиките во областа на културата и туризмот , велат од министерството."
Министерството тврди дека сите постапки се спроведуваат согласно законските надлежности и утврдените процедури, со цел ефикасно функционирање на институцијата и унапредување на културата и туризмот.
На огласот реагира партијата Левица која утрово преку соопштение до јавноста информираше дека Министерството за култура и туризам, среде летната сезона, објавува оглас за вработување на двајца посебни советници во Кабинетот на министерот – еден советник за правни работи и еден советник за култура, со рок за пријавување од само три дена. Според партијата, ова министерство располага со 17 државни советници, односно највисокиот ранг во администрацијата, а сега бара дополнителни кабинетски советници со основна нето-плата од 60.000 денари.
Фото: прес-материјал од настанот