Министерството отвора истрага поради жена од Баница што не може да оди по царски рез во Штип
Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши вонреден надзор во трите болници каде таа била третирана, а семејството ја предало медицинската документација со дозвола од пациентката.

Министерството за здравство соопшти дека ќе го испита случајот на Станка Михајлова од струмичкото село Баница, која, според семејството, по породување со царски рез во Клиничката болница Штип не може да оди и сега е во инвалидска количка.
Вонредни инспекции во три здравствени установи
По налог на министерот Сашо Клековски, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спроведува вонреден инспекциски надзор во сите три здравствени установи каде што била третирана пациентката: Општа болница Струмица, Клиничка болница Штип и Универзитетска клиника за неврологија Скопје. Во наредните денови се очекува ДСЗИ да ги комплетира надзорите и да ја прибере целокупната медицинска документација.
Јавноста за случајот дозна откако нејзиниот свекор, Велибран Стојанов, почна да се вклучува во живо од пред болниците во Струмица и Штип и да го бара на помош министерот Клековски. Како што рече тој во првиот пренос во живо, гинеколог од струмичката болница му кажал: „Станка ќе остане парализирана и џабе ја носат во болници“. Тоа го испровоцира да ја изнесе медицинската состојба во јавност.
Семејството, со дозвола од пациентката, им ги предаде на медиумите сите документи од нејзината медицинска историја. Од документите се гледа дека за 1 месец ѝ се направени над 27 прегледи без да се најде причина за параплегијата, како и дека е испишана од Општата болница Штип после царскиот рез „во добра здравствена состојба“, иако семејството тврди дека од болницата до дома ја изнеле под мишка и не можела добро да чекори. Таа сега е хоспитализирана на неврологија во болницата во Штип.
Министерството особено посочува дека почитувањето на правото на пациентката на достоинство, приватност и заштита на личните и медицинските податоци е неприкосновено во текот на целата постапка. Врз основа на целосно утврдената фактичка состојба ќе следат заклучоци од стручниот надзор и, доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно надлежностите и важечките законски прописи. „Министерството ќе се погрижи овие права целосно да бидат почитувани — како во текот на инспекцискиот надзор, така и во натамошната комуникација со пациентката и нејзиното семејство,“ стои во соопштението.
Од институциите апелираат до јавноста за воздржаност додека траат постапките и ги повикуваат медиумите на коректност и заштита на достоинството на здравствените работници вклучени во случајот; потенцираат дека евентуалната одговорност ќе биде утврдена единствено врз основа на резултатите од стручниот надзор, а не преку јавно осудување пред завршување на постапките.
Фото: прес-материјал од настанот